Тригодишно девојче пронашло наполнет пиштол во домот во Тексас и случајно ја застрелало својата четиригодишна сестра. Девојчето починало, пренесува CBS.
Ед Гонзалес, шериф на округот Харис, изјави дека инцидентот се случил вчера околу 20 часот и дека девојчињата биле во спалната соба од станот во Хјустон, каде што живееле со своите родители. Со нив во домаќинството живееле и други членови на семејството.
Девојчињата биле во спалната соба без родителски надзор, кога 3-годишното девојче пронашло наполнет полуавтоматски пиштол и испукало еден куршум кон нејзината сестра, рекол шерифот.
Откако го слушнале истрелот, родителите се упатиле кон спалната соба и го нашле четиригодишното дете на подот. Девојчето починало на лице место. По инцидентот семејството веднаш повикало полиција и брза помош.
Окружното обвинителство на округот Харис по истрагата ќе одлучи дали некој од родителите или другите членови на семејството ќе се соочат со обвиненија. Истрагата се уште е во прелиминарна фаза, порача шерифот.