Кремљ го нападна Холивуд поради филм награден со Оскар

by Fokus

Оскар за најдобар документарен филм доби филмот за Навални, кој зборува за настаните поврзани со труењето на познатиот руски опозиционер, во кој Кремљ гледа обид за „политизирање“ на филмската уметност. Дело е на канадскиот режисер Даниел Рохер, а филмот раскажува за политичкиот подем на Алексеј Навални, кој беше суден и отруен.

„И има некој што не можеше да биде со нас вечерва: Алексеј Навални, лидерот на руската опозиција, останува во самица поради тоа што тој го нарекува – се надевам дека правилно ги цитирам неговите зборови – неправедната агресивна војна на Владимир Путин во Украина“ рече Рохер додека ја подигнуваше златната статуетка.

Поради ова, Кремљ го обвини Холивуд дека сака да ја „политизира“ седмата уметност.

„Иако не сум го гледал филмот, претпоставувам дека има одреден елемент на политизација на темата“, изјави за новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Дури и самиот Холивуд понекогаш не се воздржува од политизирање на своите дела“, додаде тој.

Навални е во затвор повеќе од две години. Во март минатата година тој беше осуден на девет години затвор за „измама“.

„Мојот сопруг е во затвор само затоа што ја кажа вистината. Мојот сопруг е во затвор само затоа што ја брани демократијата“, изјави неговата сопруга, Јулија.

Документарниот филм за Навални, продуциран од HBO Max и CNN, беше претставен на 25 јануари 2022 година на филмскиот фестивал Санденс.

Во февруари ја доби наградата за најдобар документарен филм од Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА).

 

Поврзани новости