Трифун Костовски: На сопругата и немам посветено ниту една песна

by Fokus

Не сум и посветил ниту една песна на мојата сопруга, ниту било кому, бидејќи моите нумери се универзални, пеам за една универзална љубов, што значи дека се наменети за секој кој ќе се пронајде во нив – во разговор за ,,Фокус” открива бизнисменот Трифун Костовски, кој денес ќе промовира шест нови песни.

Станува збор за балади и рецитали, чии автори се Александар Митевски и Григор Копров, а на дел од песните како текстописец се потпишува и Огнен Неделковски.

И покрај тоа што вели дека и нема посветено песна на сопругата Драгица, Костовски во неколку наврати јавно има раскажано за нивната љубов која трае речиси пет децении. Се запознале во Гевгелија, во далечната 1968 година, кога Трифун со својот бенд гостувал во тамошен локал.

-Во Дизи ја најдов жената која најмногу ми одговара со нејзиниот карактер, жената што зрачи со позитивна енергија, со љубов и голема поддршка – има изјавено Костовски во претходно интервју.

-Денес ќе ги промовирам новите балади и искрено се надевам дека ќе бидат прифатени, дека ќе си го најдат својот пат до слушателите, бидејќи музиката е моја голема љубов. Секој стих ми е отпеан од срце, и покрај тоа што ова е еден вид на мое хоби, верувам дека ќе се слушаат. Имав една пауза од пеењето, бев преокупиран со многу други нешта, разни обврски, да не речам проблеми, но во исто време и се барав себе си во оваа област, го барав својот автентичен стил на музика. Сега, со оваа комбинација на Митевски и Копров, мислам дека сум на правиот пат. Многу ми значи поддршката од моето семејство, но покрај фамилијата и пријателите, ме радува тоа што добивам поддршка и од музичката заедница – раскажува Костовски.

Додава дека ,,Постојам за нас” е само една од новите песни, кои во глобала се во сличен, романтичен стил. На гостите на промоцијата денес наместо ЦД, ќе им подарел УСБ со новите музички материјали.

-Се надевам дека настанот ќе помине во една пријатна и опуштена атмосфера, пред присутните ќе се обратат Драган Спасов – Дац, Александар Митевски, Драган Костиќ, Григор Копров… Мене ми преостанува да ги отпеам песните и да чекам реакции. Околу тоа дали ќе се снима спот за некоја од песните и кога точно ќе излезе новиот албум, се уште не можам да прецизирам – вели поранешниот градоначалник на град Скопје.

Промоцијата на новите музички материјали ќе започне денес, во 17 часот во локалот ,,Мистер Џек” во Скопје.

Вики Клинчарова

Поврзани новости