Три години пред да го сретне Емануел Макрон, Брижит имала неуспешен обид за влез во политиката

by Fokus

Љубовната приказна на францускиот претседател Емануел Макрон (42) и неговата 24 години постара сопруга Брижит (66) уште за време на најавата за неговата кандидатура во ноември 2016 година го привлече вниманието на светската јавност.

За разликата во годините, но и за тоа како тие двајца се сретнале за прв пат кога Емануел имал само 15, а Брижит 39 години и била негова наставничка која му предавала драма и ментор во неговата школска претстава, се пишуваше многу. Познато е дека секогаш му била голема поддршка на својот сопруг, и кога Макрон беше назначен за министер за економија во владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд во август, 2014, таа една година подоцна даде отказ од работата како наставничка за да му помогне на амбициозниот сопруг.

Во Министерството за економија, таа била секогаш присустна за време на состаноците со официјалните претставници во модернистичката зграда Берси крај Сена во источниот дел на Париз. Емануел тогаш за медиумите појасни дека нејзиното гледиште му е многу важно, па поради тоа била редовна на состаноците.

Но, она на кое што малкумина се сеќаваат е дека Брижит имала политички амбиции уште во времето пред да го запознае Емануел, односно додека била во брак со банкарот Андре Луј Аузиер, со кого има три возрасни деца. Имено, деновиве во француските медиуми се објави документ од 1989 година, со листа на кандидати за Локалните избори во Труткерхајм, а на кои Брижит е една од кандидатите.

Сепак, таа доживеала неуспех и не била избрана од гласачите. Токму поради нејзините политички амбиции во минатото, помеѓу француската јавност се провлекува прашањето дали всушност Брижит е таа која управува со државата од сенка.

-Таа ќе има глас, мислење за нештата… Таа ќе биде покрај мене, како што отсекогаш била, но таа исто така ќе има и јавна улога, односно формална и неплатена улога на прва дама – беше одговорот на Макрон околу тоа каква улога ќе има неговата сопруга, набргу откако беше избран за претседател на Франција пред две години.

Поврзани новости