Три години од апсењето на Љубе Бошкоски

by Фокус

Во Македонија нема владеење на правото, туку судството е узурпирано и се злоупотребува за монтирани политички процеси, а еден од нив е оној за Љубе Бошкоски. Вака реагираа опозиционерите три години по апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, кој подоцна беше осуден на петгодишна затворска казна поради незаконско финансирање на изборната кампања на парламентарните избори во 2011 година. Во меѓувреме, против него се покрена и нов процес.

„Копајте по сите домашни и странски институции, домашни и банкарски сметки, ќе го најдете само Љубе со своите мисли и дела вткаен во судбината на својот народ и држава. Единствено што ќе најдете се четири години притвор во Хашките зандани за одбрана на Македонија со ослободителна пресуда“, истакнаа од ОМ.

По овој повод, се огласија и од СДСМ, од каде посочија дека во Македонија не постојат институции и се е сведено на една партија, бидејќи, според најголемата опозициска партија, додека некој лежи во затвор за наводна злоупотреба на 100.000 евра, низ рацете на функционери на ВМРО-ДПМНЕ минуваат милиони евра народни пари.

– Каде се надлежните институции да испитаат дали и како ВМРО-ДПМНЕ ја покри финансиската дупка од 3.500.000 милиони евра, констатирана во ревизорскиот извештај за изборите во 2011 година? – гласи едно од прашањата што го поставија социјалдемократите.

Поврзани новости