Трговците и граѓаните покренаа иницијатива за продажба на алкохол и по 21 часот

by fokus

Здружението за трговија при Стопанската комора на Македонија покрена иницијатива до Владата да ги укине одредбите од Законот за трговија со кои се ограничува продажбата на алкохол во трговската мрежа по 19, односно 21 часот и со кои се воведоа лиценци за трговијата со ваков вид пијалаци. Претходно на интернет се појави и граѓанска иницијатива  со слично барање.

Во 2008 година беа усвоени измените на Законот за трговија со кои беше воведена забрана на продажбата на алкохолни пијалаци и дополнителни скапи лиценци за продажба на алкохол во малопродажните трговски објекти, со важност од 2 години.

Од овој закон добитници требаше да бидат граѓаните, пред се малолетниците, со намерата да бидат обесхрабрени од консумација, правејќи го алкохолот недостапен во продавниците после 19 часот во зима, односно 21 часот во лето. Сепак, извештаите на Институтот за јавно здравје констатираат нагорен тренд на консумација на алкохол кај лицата на возраст под законски дозволената за консумација на алкохол.

Единствените што добиваат од овој закон се производителите и трговците на алкохол „на црно“. Притоа, консументите добиваат непроверени производи без контрола на нивниот квалитет, државниот буџет губи поради неплатени даноци и акцизи, а легалните производители и трговци страдаат поради намален промет и приходи.

Здружението ќе иницира измени и дополнувања и на повеќе други закони кои позначајно влијаат врз работењето на компаниите во областа на трговијата и да ги достават до соодветните министерства, со соодветни аргументирани образложенија.

Поврзани новости