Тргнале за Сончев Брег, а доживеаја тешка сообраќајка, комбето преминало во спротивната лента и удрило во автобусот

by fokus
Заврши увидот на дежурниот јавен обвинител од велешкото Основно јавно обвинителство синоќа на регионалниот пат Велес-Штип каде се случи тешка сообраќајна несреќа откако се судрија комбе и патнички автобус. Во несреќата 30-годишниот возач на комбето го загуби животот на лице место, додека 13 патници во туристичкиот автобус, заедно со возачот на автобусот, се здобиле со повреди.
Како што соопштија утринава од Обвинителството, до несреќата дошло кога комбето  со кое се превезувале материјали за градежништво, движејќи се во правец од Штип кон Велес, од засега непознати причини преминало на спротивната коловозна лента. Во тој момент, во спротивната насока се движел автобусот кој превезувал патници за Сончев Брег, Бугарија.
„Автобусот се обидел да избегне директен судар, движејќи се кон крајот на коловозната лента. Сепак комбето удрило во предниот дел од автобусот и се извртело целосно на спротивната коловозна лента и во спротивна насока од првобитното движење. Од незгодата на самото место починал возачот на комбето, додека 14 патници од автобусот се здобиле со повреди, вклучувајќи го и возачот на автобусот“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека по насоки на јавниот обвинител, подигнати се траги од местото на несреќата и издадена е наредба да се изврши обдукција на телото на починатиот. Истовремено, издадена е наредба да се изврши анализа за присуство на алкохол во крв и урина кај повредениот возач на автобусот. По наредба на јавниот обвинител ќе се изврши сообраќајно вештачење, како и машинско вештачење на исправноста на возилата.

Поврзани новости