Трет состанок на иницијативата „Мини Шенген“ во Тирана: Добрососедството носи придобивки

by Фокус

Духот на инклузивност и на добрососедските односи што го поттикнаа состаноците за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан донесе повеќе придобивки од непосреден интерес на граѓаните во регионот, гласи еден од заклучоците на третиот состанок за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан што денеска се одржува во Тирана, меѓу македонскиот премиер Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и претседателите на Црна Гора и Србија, Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ.

-Трагедијата предизвикана од земјотресот во Драч поттикна взаемната поддршка при природни катастрофи и вонредни состојби да биде вклучена како уште еден столб во унапредувањето на соработката во регионот, и во таа насока во февруари во Белград, надлежните институции на секоја од земјите од Западен Балкан ќе го потпишат документот Протокол од Драч за соработка на дирекциите за заштита и спасување“, се вели во соопштението од Владата.

Во него се додава дека со поттик од иницијативата за соработка во регионот се завршија преговорите меѓу Србија и Македонија и наскоро ќе започне градбата на новиот граничен премин Лојане – Миратовац.

„Главната цел на овие One Stop Shop, односно гранични контроли со едно застанување наскоро да станата – Нон Стоп Шоп, односно премини без застанување, и како придонес за остварување на оваа постапка ќе биде и воведувањето на бесхартиен систем кој ќе ги поедностави царинските постапки“, стои во владиното соопштение.

Лидерите на земјите учеснички и на оваа средба го реафирмирале ставот дека оваа иницијатива има за цел да ја забрза соработката за да се олесни и забрза процесот на европска интеграција на секоја од земјите од Западен Балкан.

Поврзани новости