Tреба да има зголемување на платите во образованието, но ова е најкризна година, вели Ковачевски

by Fokus
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека треба да се најде избалансирано решение за раст на платите во образованието до кое ќе се дојде низ економско-социјален дијалог.

Тој во синоќешното интервју за емисијата „360“ на телевизија Алсат истакна дека дијалогот со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) е отворен и дека се разговара за методологија која што ќе овозможи во иднина да расте платата на работниците во овие дејности.

Ковачевски посочи дека се прават консултации во Министерството за образование и наука и во Министерството за финансии за да се видат можностите што буџетот може да ги поддржи.

– Јас сметам дека треба да има зголемување на платите во образованието, меѓутоа мора да бидеме свесни дека ова е најкризната година после Втората светска војна и мораме да се грижиме државата да може да ги финансира сите свои обврски што ги презеде. Гледате дека и во најголема криза ја покачивме минималната плата и ги зголемивме пензиите коишто се плаќаат пред време, нагласи Ковачевски.

Премиерот посочи дека во овој случај, одговорноста не е само во едноставното зголемување на платите и дека постои можност за дополнителен инфлаторен притисок.

– Разговарав со претставниците на Советот на Народната Банка, од причина што доколку ги зголемите платите колку што е вкупното барање на синдикатите, тоа може да произведе дополнителен инфлаторен притисок. А дополнителен инфлаторен притисок ќе значи дека и платата која ќе ја добијат работниците, по многу кратко време, нема да вреди. Ако се зголеми инфлацијата, тогаш обврската на Народната банка е да интервенира преку зголемување на каматните стапки, што значи дека и долговите кои што ги имаат тие граѓани на тековни сметки на кредитни картички со зголемувањето на каматните стапки, ќе се зголемат и нивните обврски за плаќање.

Затоа мора да се балансира решението меѓу она што го бара синдикатот и она што го нуди како можност буџетот бидејќи веќе сите тие граѓани добиваат субвенција за струја, намалено ДДВ за храна итн, појасни Ковачевски.
Синдикатот за образование, наука и култура најави штрајк на 11 април, барајќи усогласување на платите во овие дејности. Досега во Владата беше одржан еден состанок, а претседателот на синдикатот Јаким Неделков најави нова рунда преговори во понеделник.

Поврзани новости