Премиерката на Велика Британија, Лиз Трас се извини за „грешките“ во својата програма поради што спласна довербата на инвеститорите и нејзиниот рејтинг падна, но, истакна оти нема да отстапи од должноста.
– Сакам да ја прифатам одговорноста и да се извинам за сторените грешки, нагласи таа за Би-би-си.
Таа сакала да дејствува, како и да „им помогне на луѓето со нивните сметки за енергија да се справат со проблемот со високите даноци“, но, „отидовме предалеку и пребрзо“’.
Трас подвлече дека останува затоа што е избрана да работи за земјата.
– И тоа е она што одлучна сум да го направам, додаде британската премиерка.
Министерот за финансии Џереми Хант, именуван во петокот откако Трас го разреши нејзиниот близок сојузник Кваси Квартенг, ги отфрли останатите главни елементи од нејзината програма. Меѓу нив е и намалувањето на нејзината опсежна енергетска поддршка.