Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави денеска дека САД ќе останат во НАТО „ако земјите од ЕУ се однесуваат праведно кон Америка“.
Во интервју за GB News, Трамп ги осуди земјите од ЕУ за „искористување на (актуелната) ситуација“ и им рече да платат доколку сакаат загарантирана американска поддршка.
„САД треба праведно да го платат својот дел, но не и уделот на сите други членки“, рече поранешниот американски претседател.
Трамп често го критикуваше НАТО и одделни земји-членки, како што е Германија, обвинувајќи ги дека не плаќаат доволно за сопствената одбрана и дека се потпираат на Вашингтон да ги заштити.
Во доктрината на НАТО се подразбира дека нападот врз една од 30-те земји членки се смета за напад врз сите членки на Северноатлантската алијанса.
„Тие можат да го искористат овој мој став (против мене), но не ми е гајле дали ќе го користат. Затоа што тоа што го велам е форма на преговори. Зошто да ги чуваме овие земји кои имаат многу пари, и САД плаќаат најголем дел од трошоците на НАТО?“, се прашува Трамп.
Во 2017 година, кога беше претседател на САД, Трамп директно ги прекори земјите-членки на НАТО за неисполнување на нивните финансиски обврски кон алијансата и одби да ја потврди посветеноста на САД за заедничка одбрана.
„Нема да ве браниме ако не си ги платите сметките. Многу е едноставно“, рече тогаш Трамп.