Митева: Време е политиката да ги напушти оние уцени и преговарања за тоа на кого ќе му припаднат гласовите во вториот круг

by Fokus

Можам да кажам дека професорката Силјановска Давкова кога ќе ја споредите со сите кандидати за претстојните претседателски избори, многу отскокнува, по сите параметри се разликува од нив, пред се од она професионално искуство кое што самата како личност го има, но и од личниот карактер и пристапот кој што таа, веќе четири години, го покажа во рамките на Собранието. Лесно е граѓаните да направат споредба во овој дел и би кажала дека во овој период ќе бидат во можност граѓаните да видат со каков кадар располагаат сите политички партии и каква е искрената и чесна намера во делот на подобрување на состојбите во Македонија, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во денешното гостување на телевизија Алсат.

Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја има професорката Силјановска Давкова како кандидат, затоа што сметаме дека е време за вистински промени, затоа што ни е потребен малку поинаков пристап во политиката и за едно лидерство кое што ќе значи, пред се, почитување на уставот и законите и работа во интересот и само за интересот на народот.

„ВМРО-ДПМНЕ во овој момент ја очекува максималната поддршка од граѓаните, работиме на искрен и чесен пристап. Време е политиката да ги напушти оние уцени и преговарања за тоа на кого ќе му припаднат гласовите во вториот круг. Време е да воведеме една политика на програмско коалицирање и на она што ќе значи програмска определба и начин на кој што ние го гледаме патот по кој што треба да се развива Македонија“, рече Митева.

Во однос на парламентарните избори и за тоа кога ВМРО-ДПМНЕ ќе има конечна листа за пратеници, Митева истакна дека очекува до крајот на месец март да биде заокружен и тој процес на финализирање на листите за пратеници.

„Кандидатите за пратеници ќе бидат достојно и достоинствено презентирани пред граѓаните. Ќе имаме еден транспарентен начин на презентација на истите. Очекувам и сум сигурна дека тоа ќе биде една добра кадровска понуда која што ќе ја има ВМРО-ДПМНЕ и се разбира, победничка на изборите“, рече Митева.

Во однос на пост изборната соработка со политичките партии, Митева посочи дека многупати до сега ВМРО-ДПМНЕ го има кажано ставот, дека е време Демократската Унија за Интеграција да замине во опозиција.

Поврзани новости