Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот и кинескиот лидерВладимир Путин и Си Џинпинг, за разлика од актуелниот шеф на Белата куќа Џозеф Бајден, ги сакаат своите земји и сакаат тие да бидат успешни.
– Тој (Џозеф Бајден) разговара со Путин и Си Џинпинг. Сакале или не, тие се многу паметни луѓе, многу влијателни. Тие ги сакаат своите земји и сакаат нивните земји да успеат. И го имаме Бајден, кој според мене, не е способен за тоа – изјави Трамп во интервју за телевизијата „Фокс њуз“.
Исто така, додека им се обрати на поддржувачите во Њу Хемпшир, поранешниот американски претседател рече дека Бајден е закана за демократијата и дека е „крајно неспособен“.
Според него, актуелниот претседател „не е во состојба да поврзе два збора, да се симне од бината и да ги најде скалите“.
Трамп повтори дека по доаѓањето на власт ќе ја спречи Третата светска војна и дека ќе го реши конфликтот меѓу Русија и Украина.
Тој додаде дека немаше да има конфликт во Појасот Газа или во Украина, доколку не постоеше „слаб човек“ како лидер на Америка.
Претходно Трамп изјави дека има добри односи со Путин и дека доколку дојде на власт, ќе ја реши ситуацијата меѓу Москва и Киев во рок од 24 часа.