Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе се повлечат од Париската спогодба за борба против климатските промени.
Според Трамп, тој го прави овој чекор за да ја заштити Америка и нејзините граѓани, како и дека оваа земја би можела да се врати во спогодбата но доколку се променат условите на спогодбата и тие бидат „фер кон САД, народот и даночните обврзници“.
„Доколку може да имаме фер договор, во ред, а ако не можеме, повторно во ред. Оваа спогодба е помалку врзана за климата, а повеќе за тоа другите земји со неа да обезбедуваат финансиска предност во однос на САД. Тоа нема да се случува додека јас сум претседател“, рече Трамп.
Според него со финансиите кои се вложуваат САД имаат нерамноправна положба и поради тоа страдаат платите и бизнисот во Америка.
Чекорот наиде на огромни критики во светот поради поткопување на борбата со климатските промени. Јавно несогласување упати и претходниот претседател на САД, Барак Обама кој изрази надеж дека сепак државите во САД и компаниите ќе продолжат со борбата за заштита на планетата.
Светските лидери исто така изразија големо незадоволство со одлуката на Трамп. Трите земји Франција, Германија и Италија порачаа дека иако жалат што САД се повлекуваат, спогодбата нема да подлежи на промени.
„Она што беше договорено во Париз во 2015 година е неповратно и Париската спогодба не може да биде предмет на нови договарања, бидејќи е суштински инструмент за нашата планета, нашите општества и економиите“, се вели во нивното заедничко соопштение.
Новиот француски претседател Емануел Макрон ги повика вчера сите американски научници, инженери, претприемачи и свесни граѓани доколку сакаат да дојдат да работат во Франција на решенија за климата.
„Да ја направиме нашата планета повторно голема“, иронично порача Макрон на англиски како одговор на мотото на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“.