На местото на првиот даночник Горан Трајковски, во Управата за јавни приходи ќе седне нов директор. Конкурсот за директорската позиција веќе е објавен, а четиригодишниот мандат на Трајковски е истечен, објавува ПлусИнфо.
Во Законот за Управата за јавни приходи е наведено дека на директорот му престанува мандатот со истек на мандатот, но не е прецизирано дали тој пак може да се кандидира за нов директор. Според информациите, и ако постои таква можност, мала веројатност е дека Трајковски пак би бил директор на УЈП.
Според Законот за управата за јавни приходи, директор и заменик директорот ги именува Владата на предлог на министерот за финансии. Но сепак, за именување на директор и заменик директор се објавува јавен оглас во три дневни весници. Досегашната пракса покажува дека огласот е само формалност, а дека директорските позиции се кројат со многу партиски пазарења и надмудрувања.