Со одлуката на Парламентот за пристапување кон промени во Уставот, вратите на НАТО и ЕУ останаа отворени за Македонија, оценуваат од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
„Пратениците и сите граѓани се соочуваме со сериозни предизвици и сурова реалност, но после драматичниот вчерашен ден, денес веруваме дека сите сме попаметни и помудри, затоа што Македонија ќе чекори напред, како држава на македонскиот народ и сите грѓани, модерна, европска и држава во која ќе се создадат услови за младите да создаваат и творат во Македонија“, велат од ДС.
Од партијата сметаат дека во подготовката на амандманите треба да се вклучат сите експерти и преставници на партиите, со цел да се обезбеди и зацврсти македонскиот национален идентитет, јазикот и другите посебности.
„Време и опозицијата да ги преиспита своите ставови и постапки и да се вклучи во процесите кои отвораат перспективи за Македонија и значат мир, стабилност и безбедност, како клучни предуслови за економски развој и достоинствен живот. Потребно ни е единство, сплотеност разумно и мудро однесување“, стои во партиското соопштение.