Димовски: Сега е јасно што се криело зад обвиненијата и притворите, пратениците ќе се соочат со народот и роднините

by Фокус

Зоран Заев и армадилата на власта е целосно делегитимирани после синоќешното силување на демократијата и волјата на народот, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски. Според него, премиерот Зоран Заев веќе нема легитимитет да говори за демократија или демократска држава.

-Демократска и правна држава во која што се одложува гласање се додека не се соберат гласови на пратеници кои се под закана на политички прогон, не постои! Сега се гледа која била намерата да се нарачаат политички конструирани обвиненија и притвори за 27 април, да се нарачаат монтирани предмети против деца на пратеници или да се ангажира специјалното јавно обвинителство да гони поранешна министерка за култура која е актуелен пратеник – рече Димовски.

Тој посочи дека раководството на СДСМ сега побара и доби поддршка од истите пратеници што своеремено ги напаѓаше.

-Раководството на СДСМ порачуваше дека Крсто Мукоски бил убиец кој морало да си лежи. „Ајде на здравје“ беше честитката од раководството на СДСМ за синот на пратеничката Авировиќ, а истите се радуваа и ликуваа што Елизабета Канчевска Милеска останала без пасош бидејќи таа била зло за Македонија. Истото тоа раководство на СДСМ сега побара и доби поддршка за антидржавните политики токму од овие пратеници кои најжестоко ги напаѓаше. Ова не се европски вредности и демократијата кон која што тежнее Македонија и македонскиот народ – истакна Димовски.

Функционерот на ДПМНЕ истакна дека вчера биле сведоци како македонското собрание беше окупирано како да сме во состојба на војна.

-Секој од нас живее со сопствените одлуки и за тоа сноси одговорност пред сопствениот народ. Така и пратениците кои вчера гласаа ќе треба да се соочат со својот народ, со своите роднини, пријатели сограѓани, порано или подоцна. Тогаш ќе каже народот што мисли за вчерашниот глас, и за непринципиелните ставови. Силувањето на својата држава и на својот народ нема да им донесе ништо арно. Напротив уште повеќе ќе го поларизира општетсвото, ќе раѓа гнев и незадоволство, бидејќи овде не се работи за обична одлука, туку одлука од која зависи во која земја ќе живееме, како ќе се нарекуваме, какви документи ќе имаме, каква историја ќе учиме, каква култура ќе промовираме понатаму – рече Димовски.

Поврзани новости