Трајанов: Преку ноќ не се носат коренити промени за отворени листи

by fokus 20:16
20:16

Владејачките парламентарни Демократски сојуз, ДОМ и ЛДП уште пред 3 месеци во Собранието доставиле предлог-измени на Изборниот законик кои предвидуваат воведување на отворени листи при изборот на советници на претстојните локални избори, но седница за нивно разгледување досега не е закажана.

Во меѓувреме, се одвива процес на меѓупартиски консултации за дефинирање на законските измени за отворени листи, кои, како што веќе објавивме, резултирал со изготвување на драфт-верзија, која се очекува од страна на Владата да биде предложена до пратениците и да биде ставена на дневен ред на некоја на наредните седници.

- Advertisements -

Според лидерот на ДС Павле Трајанов, овие законски измени докрај не се јасни и, како што посочува тој, можно е да има конфузија при гласањето, со многу неважечки ливчиња, при што составот на советниците во Градот Скопје и општините нема да ја одразува волјата на граганите.

-Без потреба се комплицира со вградување на изборен праг за советник од 3 проценти од запишаните гласачи, не е јасно дали коалицијата ќе добива време во медиумите или сите партии подеднакво, односно кандидатите за советници – вели Трајанов.

Мошне важно е, додава тој, да се определи ако некој од советниците се повлече кој ќе биде советник, односно дали тој ќе биде од истата партија.

-За вакви коренити промени неопходно е и експертско мислење и поширока јавна расправа, а не преку ноќ да се донесе со можни бројни дилеми и нерегуларности. Решенијата треба да бидат многу појасни, применливи и сите партии и независни листи да имат еднакви стартни позиции – потенцира Трајанов.

Инаку, законските измени што се во финална фаза на изработка предвидуваат дека „гласачкото ливче за членови на Совет е важечко доколку во првата колона од ливчето е заокружена само една листа на кандидати и во втората колона само еден реден број“.

„Доколку редниот број на некој од кандидатите добил гласови од над 3 отсто од вкупниот број на запишани гласачи во избирачкиот список на соодветната општина, односно кандидатот што има добиено најмногу гласови од оние што имаат добиено над 3 отсто, тој ќе се помести погоре на листата сразмерно со бројот на добиени гласови, после што ќе се применува Донтовиот модел“, се наведува во предлог-законските измени.

В.С.

Поврзани новости