Четири политички партии и официјално упатија писмено барање за една изборна единица. Тие исто така бараат вклучување во работната група за изборното законодавство. Барањето е упатено до амбасадорите на ЕУ, САД и ОБСЕ, како и до посредникот Питер Ван Хоуте.
Потписници на барањето се Павле Трајанов од Демократски сојуз, Лилјана Поповска од ДОМ, Рубин Земон од Алијанса за позитивна Македонија и Неџат Беџети од Партија за демократски просперитет.
Сметаат дека една изборна единица ќе овозможи Република Македонија да добие состав на Парламент кој ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните и дека нема да се изгубат стотици илјади гласови за партии кои не се дел од големите коалиции. Тоа според нив ќе води кон демократизација на целиот систем.
СДСМ веќе покажа волја за менување на изборниот модел, иако до сега експлицитно не се изјасниле дали се за една изборна единица. Се очекува ставот на ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и ДПА во основа би прифатиле промени на изборните единици, но само ако одговараат на нивните политички потреби.