Одлуката на ДУИ да ја напушти владата не е за да се обезбедат избори на 5 јуни по секоја цена, туку би било добро тоа да е во насока на формирање на политичко-експертска влада што ќе има подолгорочен мандат за да спроведе суштински реформи во клучните области како судството, изборниот процес, смета пратеникот и лидер на Демократски сојуз Павле Трајанов.
– Тоа би било разумна одлука ако во таа насока се одвиваат работите бидејќи повеќе од јасно е дека нема услови за фер и демократски избори на 5 јуни, кога имаме целосна и системска блокада на сите институции – вели Трајанов.
Во политичко-експертската влада би биле сите партии кои во моментот партиципираат во Собранието, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Трајанов смета дека формирање на ново парламентарано мнозинство без ВМРО-ДПМНЕ во моментов не е практично бидејќи ќе биде во насока на дестабилизација на состојбите.
– Сите партии треба да учествуваат во процесот согласно бројот на пратеници, заеднички да ја поделат одговорноста. Четирите најголеми партии се тие што ја донесоа земјата во ваква состојба – додаваТрајанов.