Трае предистрагата за сервисирањето на канадерите, што испитуваат надлежните?

Според информации на Фокус, се истражуваат повеќе елементи поврзани со милионскиот договор со шпански „Титан“, вклучително и присуството на вработен во Дирекцијата за заштита и спасување во Шпанија во време на склучување на договорот.

by Фокус

Се уште трае предистражна постапка во рамки на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во врска со сервисирањето на противпожарните авиони-канадери.

Донесени се Наредби за испитување на јавната набавка, а се преземаат и други дејствија во надлежност на обвинителството кои се неопходни за расчистување на случајот“, велат од обвинителството за Фокус.

Со оглед на тајноста на предистражната постапка, од таму велат дека во моментот не може да се споделат повеќе детали за овој предмет.

Инаку, изминатово лето земјава ја зафатија големи шумски пожари, но не беа на располагање трите противпожарни авиони што ги поседува државава, од причина што не беа сервисирани и не беа во функција.

Откако ситуацијата со пожарите веќе беше речиси ставена под контрола, Дирекцијата за заштита и спасување спроведе тендерска постапка, во чии рамки склучи договор со шпанската „Титан“ за поправка и сервисирање на авиони и годишни прегледи, во вредност од 25 милиони денари.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, ДЗС склучил договор со оваа компанија во постапка со преговори без објавување на оглас поради итност, иако имало и друга понуда која била пониска за околу 4 милиони денари.

Сепак, како што не информираа од Дирекцијата, оваа понуда пристигнала по истекот на крајниот рок, па затоа Комисијата за јавни набавки ја отфрлила како ненавремена и неприфатлива.

На тој начин, бил склучен договор со шпанската компанија, кој, како што тврдат од ДЗС, тече според предвидената динамика.

Неофицијално, надлежните органи испитуваат повеќе елементи поврзани со договорот за сервисирање на канадерите, вклучително и присуството на вработен во Дирекцијата во Шпанија во време на склучување на договорот.

Како што неодамна пишувавме, сервисирањето на само еден од трите авион е завршено, додека се чекаше другите два авиони да заминат на сервис во Шпанија.

Требаше да одат на сервис пред 10 дена, но поради технички дефект на едниот од нив, нивното заминување е одложено до доаѓање на резервни делови и отстранување на дефектот“, ни изјавија од ДЗС, посочувајќи дека воздухопловите требало да одат во тандем поради „запазување на безбедносните усови за летање преку голема водена површина“.

Освен што земјава ги дочека минатогодишните шумски пожари без подготвени противпожарни авиони, неделникот Фокус неодамна пишуваше дека не располагаме ниту со системи за рана детекција за шумски пожари, кои овозможуваат точна и навремена реакција.

Поточно, ваков систем, вреден 100.000 евра, од скоро функционира само во резерватот „Јасен“, каде, со негова помош, навремено биле откриени и спречени два пожари.

Инаку, во последните дваесетина години, просечната годишна штета од шумските пожари се проценува на над 6 милиони евра, меѓутоа во изминатата 2021 година штетата надмина 30 милиони евра, со оглед дека во околу 150 шумски пожари изгореа речиси 450.000 кубни метри шума.

Влатко Стојановски

Поврзани новости