Слово за Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Во пресрет на 24 Мај

by fokus 10:55
10:55

Присвојување на делото на Св. Кирил и Методиј, на етнофилетистичка основа е во апсолутна противречност со христијанските духовни начела. Заедничкото славење во чест на 24 Мај подразбира сите држави со доминантно словенско население да бидат обединети на тој ден, како потомци на словенскиот род од минатото

Пишува: Марјан ЃОРЧЕВ

Делото на светите браќа Кирил и Методиј има огромно значење за сите словенски народи, во делот на нивното христијанизирање, писменост и култура. Уште поважно е што нивната екуменска дејност не е поврзана само со словенскиот род, туку има и поширока, европска димензија.

Впрочем, затоа солунските браќа се слават по Римокатоличкиот календар уште од 1880 година (едикт на папата Лав Тринаесетти), a се прогласени од папата Јован Павле Втори во 1980 година за копатрони на Европа, заедно со св. Бенедикт Нурсиски. Со тој чин, се вреднуваат православното христијанство и католицизмот, како еднакво важни за духовниот и културниот развој на Европа.

ЧИИ СЕ СВЕТИТЕ СОЛУНСКИ БРАЌА?

За да се избегнат сите недоразбирања околу нивното големо дело, најнапред би требало да потенцираме чии се светите браќа Кирил и Методиј. Непобитен факт е дека тие се световни и духовни великодостојници на Источното Римско Царство, односно Византиската Империја. Севкупниот световен и духовен опус на светите браќа е во функција на Византија и има полнокрвен придонес во реализацијата на геополитичките, економските, социјалните и црковните цели на Империјата.

Во однос на нивното потекло, важно е да потсетиме дека тие се родени во г. Солун, централна точка во историско-географскиот регион Македонија, кој бил византиска тема во периодот кога тие го создале старословенското писмо.

Ова е потребно да се нагласи затоа што Константин Филозоф и Методиј од своето рано детство се запознаваат со гласовните звуци на словенските племиња, населени во околината на Солун и во самиот град.

Според познатите европски византолози – Лемерле и Острогорски, во седмиот и во осмиот век, во Солун, повеќе се говорело на словенски јазик, отколку што се говорело на

старогрчки – „коине“ јазик. Тој факт претставува значајна основа за нивните понатамошни изучувања на словенскиот јазик и составување на словенското глаголско писмо.

Во таа смисла е и обраќањето на византискиот цар Михаил Трети кон светите браќа, кога им ја доверува задачата да го изготват старословенското писмо: „…Вие сте солуњани, а сите солуњани го зборуваат словенскиот јазик…“ („Житие посветено на св. Кирил и Методиј“).

УНИВЕРЗАЛНОСТА НА СТАРОСЛОВЕНСКИОТ ЈАЗИК

Се разбира дека своите високи световни титули – Константин како врвен филозоф и професор на Магнаурската школа во Константинопол, а Методиј како висок воен и државен администратор во делови од Византиската империја, ги стекнале со помош на континуирано и сестрано образование.

Беспрекорното познавање на старогрчкиот „коине“ и латинскиот јазик, како и новосоздадената старословенска азбука, биле неопходните алатки за да се преведат делови од Библијата и други црковни книги на старословенската глаголица.

Во тој временски период, дијалектните разлики меѓу словенските говори на јужните, западните и на северните словенски племиња биле сосема незначителни. Поради тоа, било можно врз основа на „живиот говор“ на словенските племиња населени во околината на Солун, Константин и Методиј да извршат пракодификација на старословенскиот јазик, разбирлив за сите словенски племиња.

Анализирано од тој агол, старословенската глаголица била „универзален јазик“, кој овозможил многубројните словенски племиња во Европа да развијат јазична, духовна и културно-просветна дејност, на одделните географски простори на кои живееле.

Треба да се избегнуваат какви било обиди за присвојување на улогата и значењето на светите солунски браќа, за развојот на христијанството и писменоста меѓу Словените на целиот европски континент. Во таа смисла, важно е да се посочи дека во времето на нивната апостолска мисија, христијанската црква е една и неделива. Римската империја е поделена на Западно и Источно Римско Царство, со главни световни и духовни центри – Рим и Константинопол.

Нема никакво оправдување, црковнословенските ракописи од тој период да се толкуваат согласно етнофилетистичкиот концепт, затоа што посебните редакции (варијанти) на црковнословенскиот јазик се јавуваат многу подоцна. Редакциите биле наименувани според диецезите, каде што се вршело препишување на светите книги.

Поради влијанието на развојот на „живите говори“ на населението од одделна словенска јазична заедница, лингвистиката од сите современи држави со доминантно словенско население ги проучува посебностите на тие редакции во подоцнежното црковно-словенско писмо.

СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ЦАРСТВА И СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ЦРКВИ

Во контекст на екуменската мисија на св. Кирил и Методиј, од посебна важност е да се објасни значењето на категоријата „народ“, анализирајќи ја природата на општествено-политичкиот поредок во средниот век.

Имено, се работи за феудална општествено-економска формација, каде што врховниот феудалец-цар, архонт или кнез е божји пратеник на земјата. Семантичкото толкување го подведува само него и неговиот семеен род, болјарите што му се потчинуваат и црковниот клер, како единствени елементи на поимот „средновековен народ“. Закрепостените селани не можат да бидат предмет на таквата категоризација, затоа што тие ја следат судбината на имотот на феудалецот, каде што живеат и работат.

При честите промени на границите на териториите на средновековните феудални царства, освоените земји и закрепостените селани биле третирани како „променлива сопственост“ на одделен владетел. Населението во средниот век се разграничува и се препознава според името на територијата, која ја контролира привремено одделно царство (Мизија-Мизијци,Тракија-Иракијци, Дакија -Даки, Илирик-Илири, Македонија-Македонци…), или според етносите што егзистирале во тој период – Скити, Грци, Бугари, Словени, Аромани, Роми, Евреи.

Така што, секоја манипулација со категоријата средновековен народ и нација се само националистички конструкти, создадени во деветнаесеттиот и во првата половина од дваесеттиот век.Тогаш и се формираат денешните европски држави од национален тип.

Црквите во средновековните царства имале само една задача – да го просветлат населението со христијанското учење и се разликувале само според територијата (диецезата), на која ја вршеле својата Божја мисија.Токму затоа, црквите во средновековието добиваат имиња според катедрите на нивните архиепископи или патријарси.

Секое повикување во историографијата на современите европски држави за „национална кауза во црковната дејност од тој период“ е ненаучно. Етнофилетизмот во црковната дејност, во средновековието е непознат поим.

СОЗДАВАЊЕ НА СТАРОСЛОВЕНСКОТО ГЛАГОЛСКО ПИСМО

Создавањето на старословенската глаголска азбука е по диктат и геополитички интерес на византискиот цар Михаил Трети и црковниот интерес на патријархот Фотиј. Византиските световни и црковни првенци правилно ја оцениле силата на словенските племиња населени на териториите под контрола на Византија.

Силните словенски кнежевства – Панонското и Великоморавското биле во непосредно опкружување на Византија и ја поттикнале за забрзано решавање на „словенскиот проблем“. Михаил Трети и Фотиј заклучиле дека барањето на великоморавскиот кнез Ростислав (862г.), за помош во христијанизирањето и описменувањето на словенските западни племиња под негова контрола ќе биде од полза за создавањето силни сојузници на Византиската Империја во иднина!

За таа цел, по препорака на Фотиј, кој одлично го познавал Константин Филозоф, а имајќи ја предвид успешноста на неговите претходни духовно-политички мисии кај Сарацените (Арапите), Хазарите и Аланите, византискиот цар им ја доверува одговорната задача на солунските браќа – да изготват словенска азбука и да заминат на мисија во Панонија и во Велика Моравија.

Константин Филозоф и Методиј се повлекуваат во манастирот „Полихрон“, на планината Олимп, во Мала Азија. Со помош на неколку свои ученици, со комбинирање на знаците: „…крстот – како симбол на христијанската вера, триаголникот – како симбол на Светото тројство и кругот како симбол на Божјите својства – совршеност и вечност…“, креираат апстрактен графички систем, соодветен со гласовните звуци на словенските племиња од околината на Солун. На тој начин, Константин Филозоф и Методиј ја создаваат старословенската глаголица во 862/863 година

Успехот на апостолската мисија на Константин Филозоф и Методиј во Панонија и во Велика Моравија е причина тие да бидат повикани од папата Адријан Втори во 867 година во Рим, каде што е извршена промоција на црковнословенскиот јазик, како трет свештен јазик во црковна богослужба (покрај старогрчкиот „коине“ и латинскиот јазик), во неколку цркви во Рим.

Кусо време по овој екуменски подвиг на светите солунски браќа, Константин се разболува и на само педесет дена пред неговото упокојување, се замонашува и е именуван со името Кирил (869г.). Методиј ја продолжува екуменската мисија најпрво како епископ, а во 873 година е хиротонисан за архиепископ во Панонија. До крајот на својот живот (885 г.), Методиј го шири христијанството и словенската писменост во Панонската диецеза (Житие на св. Климент „Панонски легенди“).

СПИНУВАЊЕ НА ИСТОРИСКИТЕ НАУЧНИ ФАКТИ

Поради сиве овие хронолошки наведени историски факти, навистина е неразбирливо, како можеше по консултации со Бугарската академија на науките, Бугарското народно собрание, во декември 2020 година да донесе „Закон за Денот на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската литература“, со кој 24 Мај, Денот на св.Кирил и Методиј и нивното старословенско глаголско писмо, „de facto“ го прогласува за старобугарско писмо?! Доминацијата на националистите и популистите предизвика бугарското собрание да „падне“ на наједноставното лингвистичко прашање: да ја воочи разликата меѓу „глаголицата“ и „кирилицата“.

Има неколку многу важни историско потврдени научни факти, кои недвојбено ја потврдуваат небулозата на овој Закон. Имено, во периодот кога св. Кирил и Методиј го создаваат старословенското глаголско писмо, Првото средновековно бугарско царство сѐ уште е со статус на ханство.

Населението во религиозното општење ги применува паганските ритуали на прабугарскиот етнос. Христијанизацијата на Првото бугарско царство и прогласувањето на ханот Борис за цар се извршува во 864 година од страна на Константинополската патријаршија, на старогрчки јазик. Тој јазик е во официјална употреба во црковно-духовните обреди, сѐ до формирањето на Бугарската црква во 870 година, која добива автокефалност во 879 година. Но, и како автокефална црква е под огромно влијание на византискиот црковен клер.

Како е можно, во време кога св. Кирил и Методиј го етаблираат старословенскиот јазик како свештен јазик во Рим, а во тој период во Првото средновековно бугарско царство се применува во црковната литургија старогрчкиот или латинскиот јазик, да се спинуваат неспорни историски факти?!

Како тоа бугарската политика воспоставува сопственост врз светите солунски браќа, кои припаѓаат на сиот словенски род?! Светите солунски браќа се екуменски, сесловенски, сеевропски патрони на христијанството и само како такви светители можеме да ги славиме!

ЗАКЛУЧОК

Создавањето на старословенската глаголица од страна на св. Кирил и Методиј претставува пракодификација на јазикот на сиот словенски род, во средината на деветтиот век. Тоа дава можност сите современи словенски јазици да имаат еднакво право да ја препознаат изворната матрица на својата јазична заедница, во даден простор и време.

Токму затоа, заедничкото славење во чест на 24 Мај – Денот на св. Кирил и Методиј подразбира сите држави со доминантно словенско население да бидат обединети на тој ден, како потомци на словенскиот род од минатото. Заедничкото славење на светите солунски браќа не може да биде осмислено како заедничко чествување само од бугарска и од македонска страна. Особено ако се прославува 24 Мај – Денот на светите солунски браќа, како Ден на старобугарската азбука?! Тоа е пристап што го преферира бугарскиот етнофилетизам.

Таквиот чин е апсолутно противречен со апостолското дело на св. Кирил и Методиј и само ја потврдува бугарската тенденција за ексклузивитет и патернализам во толкувањето на нивното екуменско значење. Македонскиот народ ќе продолжи да го слави 24 Мај како Ден на св. Кирил и Методиј, творци на старословенското писмо. Тоа е единствениот начин да искажеме искрена почит кон вистинската вредност на грандиозното христијанско и сесловенско, просветителско Кирило-методиевско дело!

(Авторот е поранешен амбасадор во Бугарија)

Поврзани новости