АРХИВА Шумските пожари проголтаа 30 милиони евра, а има само еден систем за рана детекција!

by Фокус 20:57
20:57

Текстот е објавен на 08 септември 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1353.

Во последните дваесетина години, просечната годишна штета од шумските пожари се проценува на над 6 милиони евра, меѓутоа во изминатата 2021 година штетата надмина 30 милиони евра, со оглед дека во околу 150 шумски пожари изгореа речиси 450.000 кубни метри шума. Како што пишуваше неделникот Фокус, по големите шумски пожари што летото ја зафатија државата, штетите можеле да се ублажат доколку постоеле системи за рана детекција на шумски пожари. Но, ваков современ систем, вреден 100.000 евра, од скоро функционира само во Јасен, од каде, со негова помош, навремено откриле и спречиле два пожари.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Севкупните еколошки, биолошки и економски штети од пожарите што годинава ја зафатија државата допрва ќе се утврдуваат. Меѓутоа, и првичните проценки говорат дека штетите се огромни во финансиска смисла, а може да се каже и ненадоместливи, гледано од аспектот дека за обновата на изгорените шуми се потребни можеби и 100 години.

Во извештајот што Јавното претпријатие „Национални шуми“ го достави до Владата се наведува дека само годинава во околу 150 шумски пожари изгореле речиси 450.000 кубни метри шума на шумски појас од околу 10.000 хектари. Притоа, штетата на изгорената шума надминува 30 милиони евра.

Дополнително, треба да се има предвид дека 70.000 евра се потрошени само за гаснење на овие пожари, во што учествуваа припадници на повеќе домашни органи. Во оваа сума не влегува помошта што ја добивме од странство, односно од Бугарија, Словенија, Австрија.

Всушност, шумските пожари, заедно со дивата сеча, се долгогодишен хроничен проблем со кој не може да се изборат органите со надлежност за заштита, одржување и унапредување на шумскиот фонд. Освен што немаат капацитети соодветно да интервенираат, тие немаат ниту реална евиденција за шумскиот фонд на располагање.

Речиси секоја година овој проблем се предочува во извештаите на Државниот завод за ревизија, кој констатира дека шумското јавно претпријатие не го бележи намалувањето на шумите. Од друга страна, пак, посочуваат ревизорите, се бележи нивното зголемување преку подигнување на нови насади.

Згора на тоа, ДЗР нотирал дека во државата не постои катастар на шуми и шумско земјиште и дека со години и децении не е направен попис на шумите. Воедно, не е изработена ниту методологија преку која попрецизно би се утврдила нивната вредност.

Обично, во пари се претвора вредноста на оние шуми што ќе изгорат. Во таа насока, официјалните податоци за 2020 година говорат дека вкупно била опожарена површина од над 1.200 хектари или значително помалку во однос на 2019 година, кога изгореле 15.675 хектари, што впрочем е продолжение на трендот во последниве 2 децении.

Како што посочуваат експертите, во периодот од 1999 до 2019 година, просечната годишна штета од пожарите изнесува околу 6,6 милиони евра. Но, оваа штета годинава е далеку поголема поради големиот број пожари што избувнаа. Дел од нив траеја долго, додека некои завршија брзо, од проста причина што се интервенираше навремено.

Иако токму раната детекција на шумските пожари е клучна за нивното сузбивање, сепак, фрапантно изгледа фактот дека во земјава има само еден таков систем што алармира за пожари во рана фаза?! За што станува збор?

РАНА ДЕТЕКЦИЈА НА ЧАД

Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменската област „Јасен“, во јули 2021 година, го пушти во употреба најсовремениот европски систем за рано откривање чад и оган за заштита на животната средина во заштитеното подрачје. Овој систем беше инсталиран за време на претходната 2020 година.

Се работи за современ германски систем вреден 100.000 евра, за што јавното претпријатие не платило со сопствени или владини средства, туку успеало да го обезбеди преку европските ИПА-фондови, врз основа на претходно извршени анализи за приоритетните потреби.

Упатените посочуваат дека овој IQ FIREWATCH систем, поставен на купола во атарот на Јасен, работи со 1 контролна станица со мултиспектрален сензор и 3 оптички сензорски единици за откривање чад и оган на долг дострел до видливост на 60 километри. Тој покрива територија на 70.000 хектари или радиус од 15 километри.

Со помош на овој систем, локацијата на пожарот се одредува преку анализа на слики обезбедени со ротирачките сензори. Кога во контролниот центар ќе се добие дојава за можна појава на пожар, операторот го валидира пожарот. Потоа, се постапува според стандардните оперативни процедури за отпочнување со операција на гаснење на пожарот.

-Вработените во ЈП Јасен се првите што реагираат и се упатуваат кон местото на пожарот со достапните формациски средства, а паралелно системот праќа порака со информации за пожарот на предефинирани адреси – објаснува за „Фокус“, Новица Зечевиќ, директор на Јасен.

Инаку, овој систем периодов успешно детектирал два пожари на територијата на Јасен. Според Зечевиќ, првиот бил кај месноста викана Рада, а вториот во областа на Раовиќ. И двата биле навремено угасени.

При непостоење систем за тревожење и известување, овој систем претставува и решение за лажните дојави за пожари и појава на дезинформации, кои ги развлекуваат противпожарните сили и трошат нивните ресурси. Во поткрепа на тоа, само за пожарот кај „Охис“ на 5 август годинава имало повеќе од 240 повици.

Познавачите со кои разговаравме коментираат дека оваа опрема е присутна во период подолг од 20 години во држави во Европа, Азија, Австралија и Северна Америка, каде што е имплементиран на вкупна шумска површина од над 6 милиони хектари.

Вреди да се истакне и случајот на навременото откривање чад и оган во долината Напа, голем винарски регион во Калифорнија, што се случи во есента 2020 година во непристапни ридски предели. Сега, за првпат системот се имплементира во земјава, т.е. во Јасен.

НАБАВКА НА СИСТЕМИ

Преку надлежности врз противпожарните бригади, општините имаат значајна реактивна улога во системот во гасење на пожарите. Меѓутоа, речиси ниту една општина досега не се сетила да влезе во процес на набавка на систем за рана детекција на шумски пожари, кој би влијаел превентивно и би ги растоварил противпожарните бригади.

Ниту по овогодишните интензивни пожари, во рамки на ЗЕЛС не било дискутирано, а уште помалку, пак, биле иницирани конкретни постапки за набавка на вакви противпожарни системи. Единствено, Општина Кавадарци, на чело со градоначалникот Митко Јанчев, презела одредени чекори во тој правец.

Како што појаснува Јанчев за „Фокус“, уште во март годинава разработувале проектна документација за систем за рана детекција на пожари. Тој нагласува дека проектот е при крај и по неговото комплетирање ќе биде доставен до Владата, Министерството за екологија, ЈП Национални шуми, ЗЕЛС, како и други институции, секоја со специфични надлежности во однос на шумите.

Раната детекција е клучна. Ние пред еден месец формиравме мешани тимови од пожарна, полиција и шумско стопанство за да патролираат во Кавадарци, која е втора по големина општина со површина. И така фативме тукушто започнат пожар, кој ако не го откриевме ќе беше полошо од ситуацијата во Берово – вели Јанчев.

Во тој контекст, градоначалникот на Кавадарци појаснува дека постојат квалитетни системи со термални камери кои покриваат радиус од 20 километри и регистрираат промени на ротациона снимка на секои 10 секунди, со тоа што за секоја промена праќаат слики.

Покрај општините, во однос на заштита и негување на шумите, надлежност имаат повеќе институции. Една од нив е Центарот за управување со кризи, чиј директор Стојанче Ангелов вели дека се одвива процес на дизајнирање реформи во системот за управување со кризи, при што се разгледуваат и неколку системи за рана детекција на пожари.

Еден од аспектите што се разгледуваат е опасноста овие системи да бидат уништени од ловокрадци и дрвокрадци, меѓутоа постојат системи со материјал отпорен на шрапнелите на сачмарката, која најчесто се користи за уништување на системите – ни изјави Ангелов.

Според информациите што ги добивме од Владата, постои проект од Дирекција за заштита и спасување за набавка на опрема за рано детектирање на шумски пожари. Меѓутоа, одобрувањето на овој проект е во владина постапка.

РЕФОРМА ВО ШУМАРСТВОТО

Паралелно со тоа, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство функционира работна група за реформа во шумарството. Во состав на оваа реформа, посочува министерот Аријанит Хоџа, е и планирањето за информативни системи за детектирање пожари.

Работната група е формирана и веќе сме при крај како да се направи цела реформа – вели Хоџа, посочувајќи дека реформата, покрај воведување информативни системи, се однесува и на трансформација на „Национални шуми“, изготвување план за инвентаризација на шумите итн.

Впрочем, овие сегменти се содржани во анализата за „Одржливо менаџирање на природните ресурси“, што Европската Унија ја изработи и публикува уште во 2020 година. Меѓу другото, во оваа студија детално е утврдено зошто е нефункционален системот за заштита од пожари.

Така, во неа се наведува дека ЈП „Национални шуми“ има превработеност на неквалификуван кадар, погрешна систематизација на работни места, како и недостиг од специјализирани одделенија за откривање и гаснење пожари. Затоа, се предлага нејзина трансформација и формирање посебна Агенција за шуми.

Практично, и од самото јавно претпријатие потврдуваат дека последните пожари, како што велат, покажале дека државата нема систем за справување со огнената стихија, дека има ограничени човечки и технички ресурси, а патем сите решенија ги носи стихијно.

Нема одговор ниту на тоа зошто не се наменети средства за набавка на нови противпожарни камиони, зошто постоечките не се обновени половина век, зошто не се одржуваат постојните „ер-трактори“, но и зошто нема обуки на цивилни лица за вклучување во спасувачки акции при природни непогоди“, стои во одговорите што ни ги доставија од ЈП „Национални шуми“.

Како што истакнуваат од таму, процесот на реформа во шумарството е во тек, така што, истакнуваат од јавното претпријатие, на конечниот модел за понатамошното функционирање на шумарството треба да се почека. Сепак, и тие ја потенцираат важноста на системите за рана детекција на пожари, каков што има само во Јасен, и тоа од пред неколку месеци.

Потребно е обезбедување смарт-системи со сензори за рано детектирање пожари. Сензорот во голем радиус детектира чад и алармира уште во раните стадиуми, а технологијата е толку напредна што може да предвиди каде може да се движи пожарот или со која јачина да биде “, велат од „Шуми“.

Доколку се има на ум дека имплементацијата на овие системи низ цела држава би чинела десетина милиони евра, овие средства би се исплателе ако само се земе предвид дека оние 106 големи шумски пожари за 16 дена годинава предизвикале штета од 20 милиони евра.


Новица ЗЕЧЕВИЌ, директор на Јасен
КАДЕ ИМА ЧАД ИМА И ОГАН!

Како што рекол Цицерон: „Кај што има чад, таму има и оган“, вели директорот на Јасен Новица Зечевиќ, објаснувајќи како функционира германскиот систем неодамна имплементиран во Јасен.

Основниот принцип на раната детекција на шумските пожари е всушност детекција на присуство на чад, базирано на анализа на контрастите на сликите. Во срцето на системот е технологија, која е развиена за потребите на Германскиот вселенски центар, со примарна намена да ја опслужува мисијата „Розета“ за следење на кометите во орбитата на Сонцето.

Оваа технологија е дополнително приспособена и усовршена за потребите на далечинско откривање шумски пожари во германските шуми, со што конвенционалното човечко надгледување на шумите е заминато во историјата – вели Зечевиќ.

Тој додава дека формулата на рано детектирање на пожарите и навремена координација и акција на терен дала добар резултат периодот на подрачјето на Јасен, каде што избија неколку пожари.


Министерство за земјоделство
ПОТРЕБНА Е ПОБРЗА РЕАКЦИЈА И ПОДОБРА ОПРЕМА

Во моментов, доволно е да се почитува постојната законска регулатива за заштита од пожари, но тоа што е потребно да се подобри, се однесува на побрза реакција во првичниот одговор на појава на пожар, како и веднаш да се активираат другите институции надлежни за гаснење пожар, ни изјавија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Првичниот одговор на шумски пожар го дава ЈП „Национални шуми“ преку своите дежурни екипи и, согласно оперативниот план за заштита од пожари, честопати може да биде недоволен поради ограничен капацитет, а мора да се има предвид фактот дека што побрза реакција на надлежните, толку е помала веројатноста за развој на голем шумски пожар. Исто така, потребно е континуирано обучување на сите нивоа, како и подобро опремување со опрема и возила за гаснење пожар“, истакнуваат од МЗШВ.

Од Министерството информираат дека, во соработка со канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, во рамки на проектот ИП во вредност од 1,3 милиони евра, се распишува јавен повик за проект за поддршка и трансформација во шумарството, во рамки на кој со помош на странските експерти ќе се помогне за трансформација на шумарскиот сектор.


ЈП „Национални шуми“
ШТЕТИТЕ СЕ ОГРОМНИ, ПОШУМУВАЊЕ СО НОВИ ВИДОВИ

Речиси 95 отсто од шумските пожари се предизвикани од човечки фактор, велат од ЈП Национални шуми, истакнувајќи дека Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителството работат на собирање докази за причинителите на пожарите во изминатиов период.

Штетите од пожарите се огромни и дека тие нема да може да се санираат за година или две. Доколку надлежните почнат веднаш со расчистување на опожарените места, од пролет веќе ќе може да се почне со пошумување на овие делови. Но, сепак, како што велат експертите, при пошумувањето ќе треба да се менуваат видовите со кои ќе се пошумува, да се изберат видови што се потешко запаливи, видови што брзо се обновуваат“, велат од јавното претпријатие.

Покрај пожарите, проблем претставува и дивата сеча. Според електронските извештаи за активноста на шумочуварската служба од 30 подружници, само годинава регистрирани се 1.329 нарушувања, односно бесправни сечи, при што бесправно е посечена 11.792 кубни метри дрвна маса.

Поврзани новости