Тоше Зафиров: Кога бев обезбедување кај Груевски добивав по 1.000 честитки, сега едвај 50, ама искрени!

by Fokus
Тоше Зафиров, шампионот во бодибилдинг и поранешен дел од обезбедувањето на побегнатиот екс премиер Никола Груевски, со интересна приказна им ја честиташе новата година на своите пријатели и следбеници на социјалните мрежи.

Само неколку часа по полноќ, тој напиша за спомените околу новогодишните празници од времето кога се грижеше за безбедноста на Груевски, во периодот од 2005 до 2008 година.

-Си беше еднаш едно време кога бев обезбедување кај едно човече (Никола Груевски) и тогаш за Нова година добивав околу 1.000 пораки со честитки. Потоа, не бев веќе кај човечето, и бројката се намали на 300… 500… За да по некое време, кого го заборавивме човечето таа се намали накај педесеттина, но барем си знам, малку се, но сепак искрени пријатели се. Ете, таква е оваа приказна… Среќна Нова 2019 година – напиша Зафиров.

Откако се повлече од обезбедувањето во шеста управа, тој целосно се посвети на вежбањето и на Македонија и донесе голем број на златни медали и високи титули во бодибилдингот. Од пред неколку години и неговата сопруга Габриела професионално започна да се занимава со бодибилдинг, и тие двајцата се еден вид на амбасадори кои ја претставуваат земјата на високо ниво насекаде во светот, враќајќи се со вредни награди и признанија.

Светскиот вицешампион во бодибилдинг во 2017 година ја промовираше својата прва книга ,,Патот кон врвот” негова биографска книга во која го опишува својот животен пат, како приватниот тек, така и професионалниот развој и почетоците на бодибилдингот во Македонија. Книгата беше продолжение на документарниот филм посветен на животот на Зафиров – „Никогаш не се откажувај” со цел уште повеќе да се промовира бодибилдингот и да се подигне свеста кај младите да практикуваат здрав начин на живот. Промотивно беше пуштена во продажба на саемот за книги, а Груевски дојде да му честита на својот поранешен телохранител.

Веднаш по промоцијата, на прашањето на ,,Фокус” дали Никола е спомнат во биографијата, тој ни одговори:

– Во книгата единствено е спомнато дека сум бил дел од обезбедувањето во шеста управа, но директно Никола не е спомнат. Сепак, професионалноста мора да се почитува. Денес Зафиров е посветен на својот бодибилдинг клуб кој се наоѓа во Скопје. Пред два месеци со сопругата Габриела имаа брилијантно претставување на светски познатиот натпревар ,,Mister and Miss Universe” во Италија. Во сериозна конкуренција од целиот свет, тие успеаа да влезат во финале и Тоше го освои шестото, а пак Габриела петтото место. Тогаш изјавија дека Македонија се сака со дела, а не со празни зборови.

Вики Клинчарова


Поврзани новости