Екстремно високите температури се очекува да продолжат низ делови од јужна Европа оваа недела, бидејќи континентот се подготвува за вториот екстремен топлотен бран, кој го загрозува здравјето на луѓето и го прави теренот зрел за шумски пожари.
По минатонеделниот топлотен бран наречен Кербер, следува нов што италијанските синоптичари го нарекоа Харон, по бродарот од грчката митологија кој носи души во подземјето.
Италија, Шпанија и Грција со денови се справуваат со немилосрдните горештини, но Европската вселенска агенција предупреди дека топлотниот бран допрва почнува. Во Италија, која е особено погодена, се очекува температурите да се искачат над 40 степени Целзиусови во многу градови.
Хана Клок, климатски научник и професор на Универзитетот во Ридинг, го спореди ефектот на топлотниот бран со ефектот на огромна печка над Медитеранот. „Меурот топол воздух што се разнесе над јужна Европа ја претвори Италија и околните земји во џиновска печка за пица“, рече таа.
„Топлиот воздух што пристигна од Африка сега останува на место, со воспоставени услови за висок притисок, што значи дека топлината во топлото море, копно и воздух продолжува да се зголемува“, додаде таа.
Екстремните горештини се чувствуваат ширум светот, а првиот човек на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус вчера ги повика светските лидери да „дејствуваат сега“ за климатската криза.
„Во многу делови на светот, денешниот ден се предвидува да биде најтоплиот ден досега. Климатската криза не е предупредување. Високите температури во неделата достигнаа 52,2 степени Целзиусови во северозападна Кина.
Речиси 52 степени Целзиусови беа измерени во Долината на смртта во Калифорнија во неделата. Како што се забрзува климатската криза предизвикана од човекот, научниците предупредуваат дека екстремните временски настани како топлотните бранови само ќе станат почести и поинтензивни, пишува Си-Ен-Ен.
Глобалните температури веќе се зголемени за 1,2 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа поради согорувањето на фосилните горива кои ја загреваат планетата.
„Ова е само почеток. Сегашните глобални политики предвидуваат затоплување од 2,7 степени до 2100 година. Тоа е навистина страшно“, изјави Сајмон Луис, шеф на науката за глобални промени на Универзитетот во Лондон.
Тој рече дека планетата влезе во непозната територија.
„Како што се согласија научниците минатата година: прозорецот на можности да се обезбеди животна и одржлива иднина за сите брзо се затвора. Длабоко, брзо и одржливо намалување на емисиите на јаглерод до нето нула може да го запре затоплувањето, но човештвото ќе мора да се прилагоди на уште посилно затоплување бранови во иднина“, додаде тој.