Во говорот пред пратениците по повод интерпелацијата, министерот за здравство, Никола Тодоров, не спомена никој од случаите во кој починаа македонски пациенти и родилки, како Тамара, родилката и нејзиното бебе во Гевгелија, родилките од Скопје и Тетово. Тодоров зборуваше само за проектите кои ги реализирало Министерството за здравство.
Рече дека проектите го подобриле здравството и дека се реконстриуирале повеќе болници во државата, меѓу кои ја истакна новата болница за белодробни заболувања во Козле. Се пофали и со набавени медицински апарати и дека се намалила цената на лековите и се увезле поквалитетни вакцини.
Опозициските пратеници побараа оставка од Тодоров, образложувајќи ги, според нив, промашени проекти на министерот за здравство.
-Доста е – мора да си заминете, досега и требаше да си отидете поради смртта на Тамара, Ана Марија, родилката и нејзиното неродено бебе од Гевгелија, родилките од Скопје и Тетово, битолчанецот што беше затруен со дезинфекциско средство, поради уништеното здравство, промашениот Мој Термин, поради сите украдени пари во набавките, поради уништениот клинички центар, поради тоа што во 21 век жените во Шутка и Бутел немаат гинеколог, поради хирурзите што немаат материјал за операција, поради егзодусот на младите лекари, поради омаловажуањето и на пациентите и на лекарите, забранетиот штрајк, пациентите кои доживуваа шокови поради инсулинот, починатите поради дијализа, образложија од опозицијата.