Веќе неколку денови медициски сестри испратени по налог на министерството за здравство мерат притисок на постари луѓе низ скопските општини, алармираат дел од пензионерите.
До редакцијата на „Фокус“ се обрати една од нив, тврдејќи дека кај неа на 28 ноември годинава на вратата и затропала медицинска сестра која и побарала да влезе и да и го измери притисокот. Откако ќе ја завршат работата, им даваат документ кој служи како потврда.
– Ја примив без никаков проблем и веднаш ја прашав кој ја испратил. Ми кажа дека доаѓа по налог на министерството за здравство, но за тоа што оди теренски кај пензионерите не и плаќаат ништо. Таа си ја заврши работата, стана и си тргна. Јас се чудам до каде одат овие на власт и со какви ниски работи се служат. Невидена срамота. Божем, многу се грижат за старите. Срамота е ова што го прават пред избори, на тој начин ли ќе добијат глас повеќе – тврди пензионерката А.Р. во изјава за „Фокус“.
Од друга страна, побаравме одговор од ресорното министерство, но од таму не добивме повратен одговор.
И.М.