Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, како претставник на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите, вели дека наскоро е можно е да се постигне договор, но како што рече, само ако опозицијата имала волја за отстапки во финалето на преговорите.
– Досега направивме огромен број отстапки и сите тие отстапки се само во функција на решавање на кризата. Ајде да видиме и денеска дали од другата страна ќе имаме поместувања. Ако има желба за договор очекувам да има договор, рече Тодоров одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.
Тодоров рече дека владејачката партија инсистира на една отстапка од СДСМ во крајот на преговорите, но одби да открие повеќе детали.
Преговорите меѓу четирите политички партии продолжуваат и денеска во Клубот на пратеници. Интеграциите на министерот за внатрешни работи и мандатот на преодната Влада се главни точки за кои партиите треба да најдат компромис.