Додека македонската Мара Бонд е на меден месец во Дубаи, сестра ѝ се заканува со тужби

by Fokus 13:17
13:17

Драмата со распуканата невеста продолжува, откако вчера на социјалните мрежи се огласи и нејзината сестра со зборовите „Свадбата е приватна случка, па ќе се одвива како што ние фамилија Ристески ќе посакаме“.

Невестата Марија Ристеска-Калешковска, нововработената секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола, Зоран Дуковски, се најде во центарот на вниманието на јавноста откако СДСМ информираше дека за време на својата свадба пукала од полуавтоматска пушка, која е дел од формациско оружје на полицијата и војската и за која граѓаните не можат да добијат дозвола за поседување и носење. Во прилог на информацијата, СДСМ достави и фотографии на кои невестата позира со пушката в раце, но и фотографија на која таа со помош на нејзиниот татко пука во воздух.

Веста веднаш беше пренесена од голем број медиуми, а набргу потоа, сестрата на Марија, Сара Ристеска, на својот фејсбук-профил најави тужби за порталите поради објавување приватни фотографии и порача дека имале право на свадба каква што си посакале.

„Златни комуњарчиња, сестра на невестата од објавата“ – напишала таа под линк од настанот, објавен во порталот Мкд.Мк. „Добро, вие поседувате мозок, или? Како може за ваши партиски цели да зацрнувате нечии животи? Прво, свадбата беше приватна случка, па ќе се одвива како ние фамилија Ристески ќе посакаме. Второ, оружјето е во сопственост на татко ми и купено е со дозвола, користејќи го за лов, покрај тоа што во оружјето е ставен огномет, а не куршум. Трето, не ви оди никако напред и сега барате секаков случај за да зацрнувате нечии имиња? Резил сте, бедни сте, следува тужба за порталот, бидејќи објавува приватни слики! Бидете поздравени, ова не прекинува тука“ – се закани сестрата на невестата, за која веќе почнаа да кружат доста шеги и досетки на социјалните мрежи, па го доби и прекарот Мара Бонд. Револтираната сестра не одговори на нашата порака во која ја замоливме за повеќе детали околу целиот настан. На својот фејсбук-профил, таа има објавено повеќе фотографии на кои татко ѝ позира со оружје.

Соња Стаматова, портпаролка на битолската полиција, најави дека Внатрешна контрола го презела случајот, откако ги виделе сликите, и тие ќе одлучат што ќе биде понатаму. Инаку, додека јавноста се занимава со детали од свадбата на распуканата невеста, таа и нејзиниот сопруг се на свадбено патување во Дубаи, на кое заминале на осумнаесетти овој месец, еден ден откако беа објавени свадбарските фотографии со оружјето.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости