МојТермин е проект кој не само што нема да се укине, туку и ќе продолжиме да го надградуваме и усовршуваме, се вели во реакцијата од Министерството за здравство на денешното соопштени на ЛДП во кое партијата на Жерновски му порача на министерот Никола Тодоров да го укине овој проект.
„Прва и основна причина зошто нема да го укинеме овој проект е фактот што претставници на Светската здравствена организација на презентација на системот во Измир, Турција во 2013 година истакнаа дека иако редовно ги мониторираат здравствените системи во сите земји, воопшто не биле информирани дека во Македонија постои ваков систем кој е до оваа мера развиен и имплементиран на национално ниво, во период пократок од 1 година. Претставниците на СЗО на секоја поголема конференција го споменуваат МојТермин како позитивен пример како треба да изгледа еден здравствен информационен систем. Црна Гора, Романија, Литванија и Полска на презентацијата на системот во Истанбул во 2013, исто така упатија пофалби за начинот на имплементирање на МојТермин, поради што е започната процедура преку размена на искуства, за имплементација на ваков систем и во овие држави. Исто така, европскиот провајдер Health Consumer Powerhouse кој извршува детален мониторинг и споредба на здравствените системи на 35 земји, и куќа која го изработува Euro Health – Consumer Index 2013, за користењето на електронските здравствени системи го споменува следното: Во електронското здравство, одредени земји (најизразено Република Македонија) прикажаа софтверски решенија кои се уште се реткост во Западна Европа. Целосниот извештај е достапен на следниот линк“, велат од Министерството за здравство.
Зарем според Вас, прашуваат од министерството, е необмислен проектот со кој овозможивме точно да се утврди времето на прием на пациентот во амбуланта?
„Зарем е необмислен проектот со кој прецизно го утврдивме работното време на докторите, термините кои се креираат во еден работен ден, или времетраењето на еден термин кај специјалист?“.
Од друга страна, велат од кабинетот на Тодоров, на прашањето дали функционира овој систем, ние недвосмислено велиме ДА. Во изолирани исклучоци, доколку не функционира целосно, тимот на МојТермин е достапен 24 часа за прашања и проблеми од функционална, организациона и културолошка природа.
„Да потсетиме на ставовите искажани од граѓаните на Република Македонија околу воведувањето и имплементирањето на овој систем. Министерството за здравство спроведе анкета меѓу 1000 пациенти од различни здравствени установи, избрани по случаен избор. Резултатите од истата покажуваат дека 85 отсто од испитаниците немале никаков проблем при закажувањето на терминот за преглед, кај 76 отсто од прегледите немало задоцнување на докторот и прегледот бил реализиран на време, и што е најважно 76 отсто од пациентите се изјасниле дека ваквиот начин на закажување е во ред и треба да продолжи да функционира.