Тодоров не одговори дали имало предупредувачко писмо за дијабетичарите

by Фокус

Веќе неколку дена траат препукувањата меѓу министерството за здравство и опозициската СДСМ – дали има инсулинска криза во земјава или не? Според СДСМ, министерството за здравство не одговорило на прашањето, дали постои писмо од скопската Клиника за ендокринологија, во коешто Тодоров и власта на Груевски се предупредени за ризиците од промената на инсулинската терапија.

– Министерството за здравство не објасни која е причината за набавената помала количина од потребниот инсулин, со што е доведено во ризик здравјето на 24.000 пациенти, меѓу нив и бремени жени и деца. Никола Тодоров, самиот не е сигурен во чекорот што го презема со замената на инсулинот и безобразно, одговорноста за евентуалните последици оддалеку ја префрлува на самите пациенти. На тоа укажува фактот што ресорното министерство нагласува дека дијабетичарите требало да се придржуваат кон советите од дијабетолозите за исхраната, физичката активност и неопходните чести контроли на гликемијата – се наведува во писмената реакција од СДСМ.

Од таму додаваат дека, ако Тодоров бил сигурен во безбедна замена на инсулинот, зошто во истото соопштение тој најавил дека ќе го зголеми бројот на бесплатни ленти за мерење гликемија, од околу 4 ленти месечно на околу 30 ленти месечно за пациентите?

– СДСМ ја повикува власта на Никола Груевски, здравјето на граѓаните да го стави пред интересот за тендерите, а за да ги ослободи дијабетичарите од стресот што им го приреди, веднаш да обезбеди соодветни количини од инсулинот што недостига – се наведува понатаму во реакцијата од опозициската партија.

Од друга страна, од ресорното министерство постојано информираат дека е набавено доволно висококвалитетн инсулин за сите дијабетичари.

 

 

 

Поврзани новости