Семејството на исчезнатата Дениса: Никој не се интересира за нашата ќерка!

by lali

Семејството на 23-годишната Дениса Маркоска, која пред 10 дена исчезна од бродот каде што работеше, со револтираност зборуваат за начинот на кој се води истрагата за нивната ќерка. Велат дека ниту една институција не ги известила за текот на истрагата и дека не знаат ниту каде да се обратат ниту од каде да побараат одговори за она што се случувало на рускиот брод Серенисима ноќта меѓу 12 и 13 септември.

„Да беше маче, поголема узбуна ќе се кренеше. Детето ни исчезна, а никој со мал прст не мрдна. Барем едно известување да добиевме, било какво писменце од некоја надлежна институција што ќе ни каже до каде е истрагата и што се случува. Ние немаме ниту врски ниту пак контакти. Едвај го натеравме градоначалникот да не прими. Тешко на тој што го снашла несреќа. Мислевме дека не треба секаде да имаш врски, затоа мислевме дека постојат институции, ама не било така“, велат членовите на семејството.

Од Министерството за надворешни работи велат дека засега нема ништо ново околу истрагата за младата Дениса.

„Се уште се нема произнесено јавниот обвинител на Крит. И ние чекаме одговор, мора да се произнесат до каде е истрагата“, велат од МНР.

Дениса две години работела на бродот Серенисима, кој пловел под руско знаме во територијалните води на Грција, а неодамна склучила договор за работа за уште една година. Во моментот кога Дениса исчезнала, бродот се движел од Родос кон Крит. На палубата бил најден само нејзиниот мобилен телефон.

Поврзани новости