Владејачката НСДП на Тито Петковски изнесе низа забелешки во однос на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 година што го предложи премиерот Зоран Заев, кој содржи јавни и приватни инвестиции во вредност од 8 милијарди евра во делот на енергетиката, патната и железничката инфраструктура, преработувачката индустрија, малопродажбата, јавното здравство, животната средина, туризмот и сл.
„Она што сметаме дека не е добро и не е од „највисок интерес на граѓаните“ е можноста за приватизација на планини, реки и друг вид на природни богатства, по основ на јавно-приватно партнерство со минимално учество на државата. Реализацијата на проектите со кои целото општествено и природно богатство ќе заврши во рацете на малкумина моќници, сметаме дека ќе предизвика тектонски пореметувања во развојот на македонската држава и македонското општество“, соопштија од НСДП.
Од оваа партија предлагаат приоритет и од најголемо капитално значење да имаат вложувањата во човечкиот капитал.
„За нас, капитална инвестиција е она што во иднина ќе го носи развојот на економијата и општеството во целина. Вложувањата во квалитетно образование, квалитетно здравство и социјални пакети наменети за сиромашните и намалување на нееднаквоста во општеството, треба да имаат приоритет над сите други приоритети. Образованието е сфера од која може да произлезе силата која може да изврши радикална трансформација на основите на нашето општество“, велат од партијата на Петковски.