Пресудата за случајот „Титаник 2“, се враќа во второстепениот суд, информираат од Кривичен.
„Предметот со КОК бр. 7/20 од Обвинителството, означен како ‘Титаник 2’, на 20.3.2023 година е доставен во Апелациониот суд Скопје на надлежно постапување. Имено, по добиени жалби од обвинетиот М. Т. и неговиот бранител, како и известување од надлежниот јавен обвинител, дека нема да поднесе дополнителни жалби, предметот е комплетиран, почитувани се сите утврдени рокови и доставен е на понатамошно второстепено постапување. По наведениот предмет, Апелациониот суд Скопје веќе еднаш има постапувано, па во согласност со одредбите од ЗКП, сега треба да донесе мериторна одлука по добиените жалби“, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Пресудата за екс-директорот на УБК, Мијалков, и за лидерот на ДПА, Тачи, за предметот „Титаник 2“, има помалку од 20 дена пред да застари делото.
Апелација го добила предметот, па треба да добие и мислење од Вишото обвинителство – Скопје, да закаже јавна седница и да одлучи.
Мијалков се гони за изборни нерегуларности на изборите во 2013 година, дело што застарува по 10 години.
За овој предмет двапати се изрекува пресуда.
Првата беше во декември 2019 година, истата укината од Апелација.
На повторено судење, Мијалков беше осуден на две години затвор. Толку доби и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.