Одредени дадоа ветувања и ја префрлија грижата на другите да ги исполнат, сега треба и тие да сносат дел од одговорноста, рече амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, на прес конференција утринава на која одговораше на прашања од медиумите. Тимоние рече дека прес конференцијата ја свикал за да одговори на бројните барања за интервјуа последниве денови, откако Франција го блокираше отворањето на преговори во ЕУ за Македонија и Албанија.
Тимоние делумно ја префрли вината на останатите земји членки на ЕУ кои, како што рече, дале ветувања кои не можеле да ги исполнат. Тој неколку пати повтори дека пред Самитот во Брисел неговите изјави и изјавите на француските претставници со причина биле многу претпазливи.
На прашање дали Франција е свесна што предизвика во земјава, Тимоние рече:
-За време на летото се подигнаа очекувањата дека одлука ќе биде компензација за Преспанскиот Договор. Се случи чудна промена на перспективите, тоа беше случај со некои наши партнери. Како набљудувач често пати се прашував како од објективна проценка на агенда преминавме на награда за постигнат договор. Тоа не беше француската перспектива и не била од самиот почеток. Преспанскиот договор е предуслов за да се расчисти патот, но европската агенда е друго прашање. Таа перспектива од секогаш била многу јасна и од француска страна беше пренесена на нашите грчки и македонски соговорници и таа перспектива беше загубена по пат. Имаше чудно преместување на вниманието кое повеќе навлага во политички маркетинг – рече Тимоние.
Амбасадорот додаде дека е свесен за разочарувањата што беа предизвикани кај јавноста со исходот на Самитот во Брисел и рече дека ги пренесува тие разочарувања во Париз.
-Често пати се возам во такси и го чувствувам разочарувањето. Но од една страна се емоциите кои се силни, но има и дипломатска област, политички разговори за иднината на ЕУ, иднина која што се подготувава во перспектива со нови земји членки, но согласно состојбите во куќата. Треба да бидеме свесни дека има разделеност помеѓу очекувањата, разочарувањата и она што се наоѓа на маса во Брисел. Да извлечеме поука од ова, за нас, нашите власти, но и они кои понекогаш поради невнимание дале надежи како да се веќе остварени. Тие надежи остануваат наш фокус, станува збор само за една етапа, разочарувачка за многумина овде, но е една од етапите – посочи Тимоние.