(ВИДЕО) 16 лица во Бангладеш осудени на смртна казна поради убиство на студентка

by Fokus 10:38
10:38

Судот во Бангладеш осуди на смртна казна 16 лица за убиство на студентка што ја запалиле бидејќи го обвинила наставникот за сексуално вознемирување.

19-годишната Нусрат Јахан Рафи почина во април годинава во градот Фени, кој се наоѓа на околу 160 км од главниот град Дака, јави Би-би-си.

- Advertisements -

Меѓу осудените се наоѓа и наставникот кого Нусрат го обвини за сексуално вознемирување.

За време на истрагата, откриено е дека локалната полиција соработувала со осудените лица за ширење лажни информации дека Нусрат се самоубила.

Колегите студенти ја полиле Нусрат со керозин и ја запалиле во училиште во Бангладеш затоа што помалку од две недели порано таа го пријавила директорот на училиштето за сексуално вознемирување.

Таа почина пет дена по нападот, а нејзината приказна го привлече светското внимание кон ранливоста на жртвите на сексуално вознемирување во таа конзервативна земја.

Нусрат студирала во медреса, високо исламско училиште. На 27 март, во полиција го пријавила директорот на училиштето. Таа кажала дека ја повикал во својата канцеларија и ја допирал на непримерен начин и дека успала да избега пред да дојде до сериозно злоставување.

Кога го пријавила сексуалното вознемирување во локалната полиција, таа не добила никаква заштита, полицаецот само ја снимил нејзината изјава на својот мобилен телефон.

На видеоснимката, која подоцна излезе во медиумите, се гледа како Нусрат во полициската станица видно вознемирена се обидува да го скрие лицето со рацете додека полицаецот ѝ вели дека обвинението „не е голема работа“ и дека треба да ги тргне рацете од лицето.

Многу девојки во Бангладеш ги кријат во тајност своите искуства за сексуално вознемирување или злоупотреба стравувајќи дека ќе бидат осудени од општеството или нивните семејства. Но, Нусрат Јахан не само што зборуваше за злоупотребата, туку, со поддршка на нејзиното семејство, отишла во полиција да го пријави она што ѝ се случило.

Полицијата истиот ден го уапсила директорот, но тој набрзо добил поддршка од јавноста. Група луѓе почнале да се собираат на улиците барајќи директорот да биде ослободен од притвор.

Протестот бил организиран од двајца студенти, и наводно се појавиле и локални политичари.

Наскоро селаните почнале да ја обвинуваат Нусрат, и нејзиното семејство почнало да се грижи за нејзината безбедност.

Нусрат на 6 април, 11 дена по наводниот сексуален напад, одлучила да отиде во училиште за да полага испити.

„Се обидов да влезам во училиштето со сестра ми, но ме запреа и ми забранија да влезам“, рече братот на Нусрат, Махмудул Хасан Номан.

Нусрат, пред својата смрт, раскажа што се случило. Според нејзината изјава, студентка од училиштето ја повикала на покривот на зградата под изговор дека една нивна колешка била претепана. Кога Нусрат пристигнала на покривот, четири или пет лица облечени во бурка ја чекале. Ја опколиле и наводно се обиделе да ја принудат да ја повлече својата тужба против директорот. Кога одбила, ја испрскале со керозин и ја запалиле.

Раководителот на истражната канцеларија, Банај Кумар Мајумдер, изјави дека убијците „сакале нападот да изгледа како самоубиство“, но планот не успел затоа што Нусрат успеала да преживее доволно долго за да може да даде изјава и да каже што се случило.

По нападот, таа била пренесена во локална болница, каде лекарите утврдиле дека 80% од телото ѝ е покриено со изгореници. Ја пренеле во болница во Дака бидејќи таа била подобро опремена за лекување на такви повреди.

Во возилото на брза помош, плашејќи се дека нема да преживее, Нусрат ја снимила својата изјава со мобилниот телефон на нејзиниот брат.

„Наставникот ме допираше. Ќе се борам против ова злосторство до последниот здив“, се слуша на снимката.

Нусрат идентификувала и некои нејзини напаѓачи кои биле студенти во истата медреса. Пет дена по нападот таа починала во болница.

Набргу потоа полицијата уапсила 16 лица, од кои седуммина, наводно, се вмешани во убиството. Меѓу уапсените се и двајцата студенти кои го организирале протестот за поддршка на директорот.

Полицискиот службеник кој ја снимил жалбата за сексуално вознемирување на Нусрат е префрлен во друго одделение.

Премиерката Шеик Хасина се сретнал со семејството на Нусрат во Дака и ветила дека секое лице вклучено во убиството ќе биде изведено пред лицето на правдата.

„Ниту еден од виновниците нема да биде поштеден од казна“, рекла таа.

Поврзани новости