„Тиквеш“ ги разочара лозарите, урната оградата пред винаријата

by fokus

Незадоволните лозари кои попладнево излегоа на протест и го истурија грозјето пред најголемата винарска визба „Тиквеш“ ја урнаа металната ограда пред визбата и порачаа дека не си одат додека не се реши проблемот со откупот и цените на грозјето.

Дел од екипата на „Фокус“ е на самотo место, пред винарската визба има стотици лозари со трактори полни со грозје, а со нив е и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јачев. Лозарите со свирежи порачаа дека „Тиквеш“ ги разочарал и дека нема да си одат додека не се реши проблемот со откупните цени.

Ним веќе им се придружуваат и луѓе од Неготино, а пред околу еден час ја урнаа и металната ограда. Сега околу 30 полицајци ја обезбедуваат винарската визба, но досега од таму никој не им се обрати на лозаритe.

Иако се чинеше дека најголемата винарска визба во земјава „Тиквеш“, ќе го почитува договореното и ќе плаќа по 11 денари за смедеревката и 13 за вренец – картошија, сепак тоа не случи. Повеќе лозари добиле покани за да берат картошија, но откако стигнале со полни трактори пред визбата им било кажано дека грозјето нема да им биде откупено, доколку не надминува 19 малигани. Потоа за грозјето со 19 малигани и помалку им била понудена цена од само 8 денари за килограм. Тоа ја прелеа чашата и лозарите почнаа да го истураат грозјето од приколките пред влезот на винаријата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости