Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на наелението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ, се приоритетите за наредната година што се потврдени во Предлог-буџетот на РМ за 2019 година.
Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдоски денеска образложувајќи го Предлог-буџетот за 2019 година пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, додавајќи дека буџетот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, односно проектите и мерките за постигнување повисок економски раст, подобар живот за граѓаните и повисоко ниво на социјална правда, но и определбата на Владата за ефикасно и домаќинско управување со народните пари.
Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 17,7 милијарди денари во апсолутен износ, односно 2,5 отсто од БДП, што е во согласност со Фискалната стратегија на РМ за 2019-2021 година. Ова според министерот, претставува намалување на дефицитот за половина милијарда денари, односно од 2,7 отсто од БДП во 2018 година.
-Намалувањето на дефицитот најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, што ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување повисоки плати и поголема поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда, рече Тевдовски и додаде дека Владата е цврсто уверена оти овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард.
Тој оцени дека намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото.
Проекциите за приходите на Буџетот за 2019 година се базираат на реализацијата на приходите во тековната година, на очекувањата за економските остварувања во идната година, како и на реформата кај персоналниот данок на доход и кај социјалните придонеси.
Даночните приходи за 2019 година се планирани во износ од 121,9 милијарди денари, вклучувајќи го и очекуваниот ефект од воведувањето на праведното оданочување од околу 1,5 милијарди денари. Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 62,3 милијарди денари, каде се вклучени и очекувањата од реформите за постепено стабилизирање на пензискиот систем и обезбедување негова оддржливост.
Со Буџетот за 2019 година планирано е зголемување на стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за 0,4 процентни поен и зголемување на придонесот за здравствено осигурување за 0,1 процентен поен. Позитивните ефекти од порастот на придонесите во буџетите на соодветните фондови изнесуваат околу 1,1 милијарди денари. Дополнително на ова, планирани се мерки со цел решавање на проблемот со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и решавање на проблемот со нерамноправна распределба на осигурениците во двостолбниот пензиски систем.
Вкупните расходи во Буџетот за 2019 година, планирани во износ од 228,5 милијарди денари, како што рече министерот, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграциоските процеси за ЕУ и НАТО.
За тековните расходи се планирани во износ од 202,4 милијарди денари, наменети за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор и нивно зголемување во последниот квартал од 2019 година за 5 отсто, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, како и засилена поддршка на малите и средните претпријатија.