Филипче на интензивни средби за јавно приватно партнерство со Детска кардиохирургија

by fokus

Потребно е јавно приватно партнерство за Детска кардиохирургија додека не се направи новиот Клинички центар, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Како што информираше тој Министерството за здравство е во завршни анализи за формирање на јавно приватно партнерство помеѓу Детската кардиохирургија и приватна болница која би ги третирала децата со срцеви мани на товар на Фондот. Министерот денеска изјави дека сериозно се размислува за овој процес, пред се поради здравствените услови кои би биле подобри во ваков случај.

–Се уште не е донесена одлука, но би сакал да ги потенцирам бенефитите кои ги очекуваме од овој проект, пред се поради условите. Децата ги ставаме на прво место. Јавно приватно партнерство е еден од моделите – изјави Филипче.

Како што рече тој, не значи дека ќе стане збор за селење на персоналот во приватна болница, туку се уште се разгледуваат сите модели.

-Вреди да се разговара за ваков тип на партнерство. Додека не се направи новиот клинички центар потребна е ваква инфраструктура – додаде министерот.

При реализирање на моделот јавно приватно партнерство, Филипче додаде дека кардиолошките операции кои ќе се извршуваат во приватната болница ќе биде на товар на Фондот како и до сега. Тој додаде дека буџетот или средствата што се издвојуваат од Фондот за здравствено осигурање за оваа намена ќе остане ист како и досега.

-Никој нема да плати ни денар повеќе. Тимот кој ќе работи на овие пациенти исто така ќе се плаќа од Фондот – рече тој.

Како што информираше Филипче се разгледува опцијата за јавно-приватно партнерство со приватната установа Клинка Жан Митрев, поранешна Филип Втори, за да се искористи добриот инфраструктурен капацитет што го има болницата.

Поврзани новости