Македонските гимназијалци во Тетово продолжуваат со бојкот на наставата. Се уште нема договор помеѓу Општината и родителите и наставниците од македонските паралелки од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ за продолжување на наставата.
Советот на родители на денешниот состанок го одби предлогот на градоначалничката на Тетово Теута Арифи, учениците да се вратат на настава во Работничкиот универзитет во градот, сè додека не се најде трајно решение за просторниот проблем на гимназијалците.
Од советот не се откажуваат од барањето децата да учат во три смени во централниот објект на тетовската гимназија. Ваквото барање, кое според градоначалничката Арифи е спротивно на законските нормативи, ќе биде испратено на разгледување во Владата.
Бојкотот на наставата ќе трае сѐ додека не се најде прифатливо решение, односно соодветни просторни услови за следење на наставата. Учениците Македонци наставата ја бојкотираат од први септември.