Тетовски комуналец купил половно возило од „Банекс Компани“, во чиј магацин беше пронајден кокаин

by Фокус

Компанијата од скопското село Крушопек, во чии простории полицијата пронајде кокаин спакуван во кутија со банани со потекло од Колумбија, неодамна добила тендер од тетовското комунално претпријатие.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, ЈКП Тетово на крајот на 2018 година склучил договор со „Банекс Компани“ за набавка на старо специјално употребливо возило во вредност од 23 илјади евра.

Патем, „Банекс Компани“ бил единствен учесник во тендерската постапка, по што договор потпишале директорот на тетовски комуналец Џелал Цека и управителот на приватната компанија Садула Ебипи.

Инаку, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев информираше дека полицијата, во рамки на меѓународна полициска соработка, реализираше акција за сузбивање на недозволена трговија со дрога и за пресекување на меѓународен канал за транспорт на кокаин со потекло од Колумбија.

Притоа, како што рече тој, во скопско Крушопек биле откриени и запленети само еден килограм кокаин, кој, според неговите првични информации, е дел од поголема количина кој требало да заврши во нашата држава.

Чулев посочи дека во рамки на истрагата било утврдено дека како краен примач на пратките со банани во кој е пронајдан кокаинот е правното лице „Банекс Компани“ ДООЕЛ.

-Вчера (19.02), околу 09 часот на ГП Ќафасан, Струга на влез во нашата држава евидентирано е ТМВ Марка Ивеко, влекач и приколка, управувано од триесет и едногодишниот Ј.К. државјанин на Црна Гора, кој по завршување на царинските формалност со товарното возило се упатил кон скопското село Крушопек. По пристигнувањето на возилото во Крушопек, од страна на полициски службеници, а по претходно обезбедена судска наредба, извршен е претрес во магацински простор, при што затекнати биле и лицата Ј.Е. (22), инаку син на сопственикот на правното лице кое е краен примач на стоката и Р.И. (51) од Скопје – вработено лице кои вршеле истовар на робата. При извршување на истоварот на лице место неповикан дошол и 47-годишниот С.Е. од Скопје, наедно сопственик на правното лице – рече министерот.

Поврзани новости