Тетово скоро два месеци е прв град на листата по загаденост на воздухот, па тетовчани одлучија да излезат на протести пред општинската зграда со цел да се најде решение за проблемот, кој е опасен за здравјето на граѓаните.
Група професори, средношколци и основци од повеќе тетовски училишта утрово нешто повеќе од еден час протестираа пред објектот на општината, барајќи итни мерки против загадениот воздух. Алармантно беше и присуството на ПМ10 честичките во изминатиов период, чии концентрации во воздухот беа20 пати над дозволеното.
Вчера, дел до родителите поради екстремно загадениот воздух не ги пуштиле свои деца на училиште, а најавуваат дека и понатаму ќе ја бојкотираат наставата. Активисти од невладината организација „Лоја“ пак, на граѓаните вчера симболично им нуделе тегли со чист воздух.
Според листата на Нумбео, Тетово е најзагаден град во Европа, додека Скопје е на четврто место. Засега, надлежните институции немаат план како да се справат со загадувањето.