Навивачата група „Торцида“ на сплитски Хајдук се судри синоќа со полицијата на враќање од дербито во последното коло од хрватското фудбалско првенство против Динамо во Загреб при што има ранети и повредени на двете страни.
Како што јавија локалните медиуми, цитирајќи го соопштението од хрватското Министерство за внатрешни работи, ранети се двајца навивачи, а повредени се десетина полицајци. Сите се вон животна опасност.
Инцидентот се случил на автопатот А1 кога групата од околу 1.600 навивачи на Хајдук кои со автомобили, автобуси и комбиња се враќале во Сплит со полициска придружба, самоиницијативно застанале кај одморалиштето Деснице, блокирајќи ги сите ленти на автопатот во насока кон Карловац.
Поголема навивачка група, притоа, физички и со употреба на „предмети погодни за нанесување телесни повреди“ ги нападнале полицајците, кои во обид да воспостават ред возвратиле со огнено оружје.
Инцидентот се случи по првенственото дерби на стадионот „Максимир“ во Загреб во кое Динамо со победа од 3-1 над Хајдук ја прослави шампионската титула во хрватското првенство.