Теофиловски со демант : Целта е да се оцрни мојот углед и угледот на лицата опфатени во обвинението

by fokus

Судијата, Зоран Теофиловски кој е член на Судскиот совет и против кого Обвинителството за гонење на организиран криминал соопшти дека е поднесено обвинение за случајот со тенискиот клуб Љуботен – Тетово испрати демант до медиумите и свои аргументи и дава хронолошка анализа за предметната постапка за легализација за која е обвинет.

Демантот го објавуваме во целост

На 31.12.2020 година преку некои медиуми на социјалните мрежи бев запознат дека против мене и уште други шестмина е подигнат обвинителен акт за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 и 1 и в.в. со чл.23 од КЗ. Со оглед дека веќе неколку дена по медиумите и порталите се уште се изнесуваат невистинити информации, чувствувам потреба да го дадам следното соопштение со кое би ги демантирал бројните невистинити информации изнесени околу поднесениот обвинителен акт, а со што се нанесе голема штета на мојата чест и углед, како и штета на честа и угледот на останатите лица против кои е подигнат предметниот обвинителен акт.

Од страна на медиумите беше изнесено дека според обвинението јас во периодот од 2011 и 2012 година како претседател на Тениското спортско здружение Љуботен Тетово заедно со управителот на Друштвото за спортски активности Тениски клуб Љуботен ДОО Тетово, преку петмина службеници сме издејствувале да биде легализиран објект кој не постоел, а потоа бил продаден, на кој што начин сме овозможиле Тенискиот клуб Љуботен, да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4.410 м2, откупувајќи го по цена утврдена согласно Уредбата за висина и надомест за приватизација на градежно земјиште ,а на штета на средствата на државата.

Притоа, беше посочено дека јас сум ја злоупотребил службената положба и сум ги поттикнал службениците во Општина Тетово да легализираат бесправно изграден објект кој што не постоел, за потоа истиот да биде продаден.

За да ги демантирам овие невистини ќе посочам факти и ќе дадам хронолошка анализа за предметната постапка за легализација за која сум обвинет.

-Јас во својство на претседател на Тениско спортско здружение Љуботен Тетово со одлука на Управниот одбор од 23.08. 2011 година бев овластен во име на Здружението да поднесам барање за легализација на бесправно изграден спортски објект-и тоа легализација на спортски објект од 122 м2 кој во тоа време беше планиран за соблекувални за спортистите и љубителите кои играа тенис, и на тениските терени на Тениски клуб Љуботен во Тетово;

-На 25.08.2011 година како претседател на Тениско спортско здружение Љуботен во име на здружението имам поднесено барање за легализација на бесправно изграден објект ;

-На 09.11.2011 година давам оставка од претседател на Тениско спортско здружение Љуботен Тетово поради сериозни здраствени причини кои ме затекнаа во тој период. Оставката беше усвоена на 18.12.2011 година со одлука на собранието на Здружението ;

-Службеници од општина Тетово на 09.01.2012 година (откако не сум повеќе претседател на Тениско спортско здружение Љуботен Тетово) уредно излегле на лице место и утврдиле дека постои „Спорниот спортски објект од 122 м2“, го сликале, направиле фотографии и направиле записник за увид на лице место (фотографиите и записникот постојат во списите на предметот кој се чува во Општина Тетово).ГОК

-На 24.04.2012 година, Управителот на Т.К.Љуботен Ц.Н. поднесува барање за приватизација на градежно земјиште по основ на стекнато корисничко право на Тениско спортско здружение Љуботен Тетово, а кое што корисничко право како законски основ е предвидено во чл.19 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, и истото се приватизира со решение во текот на месец Мај 2012 година, со тоа што е дадено позитивно мислење од страна на Државниот правобранител дека истото може да се приватизира.

-На 25.12. 2012 година градоначалникот на општина Тетово носи решение бр.22-3838/4 за утврдување на правен статус на бесправен објект,кое решение станува правосилно на ден 11.01.2013 година. (Значи дури после 8-осум месеци отткако е донесено решението за приватизација).Од овие причини ОЈОГОК намерно во диспозитивот на обвинителниот акт не го напишува датумот,кога е донесено истото решение.
Во конкретниот случај, во обвинителниот акт е направено спојување на дејствија кои се превземени во две сосема различни управни постапки и тоа дејствија превземени во постапка за легализација на бесправно изграден објект, со дејствија превземени во постапка за приватизација на градежно земјиште по основ на корисничко право.

Меѓутоа, во конкретниот случај станува збор за две сосема различни управни постапки (постапка за легализација и постапка за приватизација), неповрзани една со друга, независни една од друга. Станува збор за две различни управни постапки кои се поведуваат и водат пред два сосема различни државни органи и истите постапки се уредени во два посебни Закони. И не постои никаков законски, ниту пак правен основ или пак условна поврзаност на овие две постапки.

Имено, постапката за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект или т.н. постапка за легализација, е уредена и пропишана со одредбите во Законот за постапување со бесправно изградени објекти од 2011 година (Службен весник на РМ, бр.23 од 24.02.2011 година). Според член 4 став 1 од Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (Сл.весник на РМ 23/11), постапката за легализација ја спроведува органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и единиците за локална самоуправа. Согласно член 21 став 2 од горенаведениот закон, решение за утврдување на правен статус за објектите од локално значење го донесува Градоначалникот на единицата на локална самоуправа.

Од друга страна пак, постапката за приватизација е уредена во Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (Сл.весник на РМ бр.4/2005 кој важи до 31.12.2021 год.), и се води пред Министерство за финансии, органот на државна управа надлежен за имотни правни работи на подрачјето каде што се наоѓа градежното земјиште кое е предмет на приватизација.

Согласно фактичкиот опис на дејствијата за кои обвинителството ме обвинува, јас се теретам за потикнување во предметната постапка за легализација. Меѓутоа, би прашал како тоа можам да извршам потикнување на определени службеници во општината со тоа што јас во тоа време како одговорно лице – Претседател на тениско спортско здружение Љуботен Тетово, единствено сум поднел барање за утврдување на правен статус на објект и кон тоа барање сум ги поднел потребните, со закон пропишани, документи? Значи секој правен субјект, односно секое физичко или правно лице може да поднесе барање за легализација, а по таа аналогија и барање за приватизација и поднесувањето на такво барање во никој случај не е противправно дејствие. Органот до кој е поднесено предметното барање е тој кој одлучува, дали е основано или не предметното барање. Станува збор за управни постапки. Дополнително, дури и да биде донесено определено конечно правосилно решение во една управна постапка, подоцна доколку се утврди определена неправилност во постапката што претходела на донесувањето на предметното решение, истото тоа решение може да се поништи по право на надзор согласно одредбите од Законот за општа управна постапка, меѓутоа тоа во никој случај не произведува определена кривична одговорност.

Толку е мојот дел во целиот овој предмет, па поради тоа сакам да напоменам дека по таа аналогија, од денес па натаму секој што ќе поднесе какво било барање ќе може да биде гонет затоа што поттикнал службено лице, пример ако поднесете барање за издавање на државјанство и истото ви го одобри дадениот орган вие може да одговарате затоа што сте го поттикнале.

Сакам особено да потенцирам дека и ден денес постојат и објектот-предмет на постапката за легализација, како и земјиштето-предмет на постапката за приватизација и дека истите се во сопственост на Т.К.Љуботен. Ниту објектот, а ниту пак земјиштетето не се продадени, а ниту пак се отуѓени или оптоварени. До ден денес се уште деца и возрасни лица играат тенис, така што наводите во медиумите дека бесправно легализираниот објект бил продаден, воопшо не кореспондира со фактичката состојба. Затоа ги молам медиумите да ги проверат информациите и да известуваат објективно, со цел јавноста да добие вистинска слика за случајот и за мојот кредибилитет, кои ја манипулираат пошироката јавност и создаваат лажна слика околу целиот настан и лажна слика околу мојот дигнитет и кредибилитет.

Напоменувам дека до ден денес целиот имот е во сопственост на Тенискиот клуб Љуботен, истиот никогаш не гласел на мое име, ниту пак е продаден, како што прочитав по некои медиуми. И ова лесно може да се провери.

Во постапка за легализација во никој случај не може да има штета на буџет на РМ. ОЈО за гонење на организиран криминал се надлежни доколку се работи за кривично дело сторено од структурирана група или доколку има штета на буџет, а во овој предмет нема ни едното ни другото, но ОЈОГОК си се договориле дека тие се надлежни, ама се со цел да го оцрнат мојот углед и угледот на лицата кои опфатени во овој обвинител акт.

Од друга страна, за поднесениот Обвинителен акт дознавме преку медиуми, а целата постапка треба да се води пред судските органи, а не пред медиумите. Во етичкиот кодекс на новинарите на РСМ, се нагласува дека особено треба да се почитува пресумпцијата на невиност при известување за настани поврзани со криминал или при известување од судење, со што, обвинетиот не смее да се прогласи за виновен пред тоа да го направи судот. Согласно член 13 од Уставот на РМ, секој кој е обвинет за казнено дело се смета за невин, се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, пишува во демантот потпишан од Теофиловски.

Поврзани новости