ЕУ испрати антиковид заштитна опрема во Македонија и Црна Гора

by Fokus

ЕУ испрати дополнителна заштитна медицинска опрема во Северна Македонија и Црна Гора, соопшти денеска еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчиќ.

Опремата намената за земјава се состои од 107.000 маски ФФП2, 35.000 мантили и 140.000 заштитни комбинезони. Таа, како и 78.000 маски ФФП2 и 15.000 мантили за Црна Гора, се дел од заедничките медицински резерви на ЕУ.

– Испораката на медицинската опрема за Северна Македонија и Црна Гора уште еднаш го покажува значењето на медицинските резерви на ЕУ во борбата против коронавирусот. Очекуваме во 2021 година европските медицински резерви да растат, зајакнувајќи ги напорите на земјите во и надвор од ЕУ во борбата против пандемијата, изјави Ленарчиќ.

Според податоците на Европската комисија, од почетокот на пандемијата, од медицинските резерви на ЕУ се дистрибуирани над еден милион заштитни маски ФФП2 и ФФП3 за Италија, Шпанија, Хрватска, Литванија, како и за Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Заедничките резерви на мецинска опрема на ЕУ се распоредени во шест земји членки на Унијата – Германија, Грција, Данска, Романија, Унгарија и Шведска, со цел да се овозможи нивна побрза дистрибуција и поефикасен одговор на здравствените кризи.

Поврзани новости