По тензичната ситуација, што ја создадоа демократските пратеници од крилото на Сали Бериша, со запоседнување на собраниската говорница, претседателката на албанскиот парламент Линдита Никола ја прекина седницата.
Кон тоа претходеше судир меѓу обезбедувањето и исклучените пратеници за недоличното однесување на претходната седница, кои насилно се обидоа да влезат во собранието.
Седницата почна со едноминутно молчење во знак на почит кон настраданите во земјотресот во Турција и во Сирија, по што на сцена настапија пратениците на Бериша, меѓу кои и тој, со обвинувања, навреди, свирење со свирчиња, а имаше и кус прекин на електричната енергија.
Пратениците на Бериша не дозволија на говорница да излезе пратеник од владејачкото мнозинство. По неколкуте куси прекини, по два часа од почетокот на седницата, претседателката Никола ја прекина седницата.
Откако излезе од законодавниот дом, Бериша, кој е пратеник, им се заблагодари на учениците на протестот пред парламентот велејќи дека тие ја „бранат праведната кауза“ и додаде дека Рама е предавник на нацијата.
Денешниот попладневен протест следува по саботниот масовен протест што беше одржан пред владата.