Четири години од трагедијата кај Ласкарци, судењето се уште трае!

by Фокус

Поминаа четири години од трагичната автобуска несреќа кај селото Ласкарци во која загинаа 16 граѓани на Гостивар и околните места, кои со автобусот на „Дурмо турс“ патуваа од Скопје кон своите домови.

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари сподели фотографии и напиша дека општеството треба да се мобилизира за да не се повтори таква несреќа.

„Сеќавајќи се да не заборавиме, а особено да апелираме до сите надлежни органи и општеството воопшто за мобилизација, за да никогаш не ни се повторат вакви случаи, симболично во 17:45 часот запаливме 16 светла во спомен на овој страшен настан каде се загубија 16 невини животи. Настанот се одржа во Меморијалниот парк на гостиварскиот плоштад, каде беа засадени 16 дрвја и беа поставени табли со имињата на 16-те жртви“, напиша Таравари.

Автобусот на компанијата „Дурмо Турс“, на 13 февруари во 2019 година тргна на редовна линија кон Гостивар од скопската автобуска станица. Во автобусот имаше 51 патник. По половина час возење, изгуби контрола и излета од патот во близина на Ласкарци, преминувајќи го автопатот, за на крај да се преврти и падне на локалниот пат кај селото.

Во несреќата животите ги загубија; Ерза Османи, Арсе Арсоски, Ферди Касо, Дејан Ристоски, Бесим Фетаи, Трпана Јаневска, Раметула Абдураими, Валдете Хамити, Јовица Трпевски, Бејза Узеири, Зоран Давидовски, Онур Садику, Есат Емрули, Ајдин Исмаили, Бобан Аврамовски, и Павле Костоски.

За овој случај во тек е судски процес во Кривичниот суд во Скопје. Обвинети се шест лица за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Година дена се чекаше супервештачење, а последните рочишта се одложија оти се разболел вештакот. Роднините и блиските на загинатите, четврта година чекаат правда.

Поврзани новости