12 вработени во Телма, искусни и докажани новинари, со одлука на раководството, утрово се прогласени за технолошки вишок. Меѓу нив се Панта Џамбазовски, Емилија Лазаровска, Томислав Османли, Виолета Зајкова, Соња Николовска, Јулијана Лефковска Пешевска и други вработени во информативната, културната и во забавната редакција на телевизијата.
Тие, како што пренесуваат, не добиле образложение зошто е донесена таквата одлука, но во писменото известување било наведено дека тоа е заради намалување на трошоци. Денеска, според очекувањата, Синдикатот на вработените на Телма очекува да има средба со раководството за да може да добие подетални информации за одлуката, по што ќе излезе и со став во јавноста.
Одлуката на раководството предизвикала шок во Телма поради фактот што за технолошки вишок се прогласуваат новинари кои се носители на дејноста и коишто се со неколкудецениско искуство. Патем тоа се луѓето кои со години ја градат Телма, телевизијата која беше препознатлива по константниот тим.
Неофицијално, Синдикатот ќе бара на овие луѓе да им биде понудено друго работно место во телевизијата за да може, како што велат, нивниот капацитет да се искористи во Телма.
Од Независниот синдикат на новинари и медиумски работници велат дека не биле консултирани за одлуката и најавуваат дека во текот на денот очекуваат средба со раководството на телевизијата.