Соопштението на судијката Весна Тагасовска (во прилог) следува по текстот објавен на порталот на „Фокус“ со наслов „Судот не му дозволил на Кежаровски да се жали на одлуката“, во кој го објавивме Упатниот акт за експресното приведување во затвор на новинарот Кежаровски во петокот, на 16 јануари во вечерните часови.
Текстот, да потсетиме, следуваше по изјавата на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, кој за „Фокус“ рече оти Кежаровски е приведен со пресуда на апелација и наредба од судот, а не со Упатен акт.
Еве, ја впрочем, уште еднаш изјавата на Панчевски:
„Со правосилноста на пресудата практично престанува притворот и тоа по автоматизам значи дека осуденикот мора да оди на издржување казна затвор. Поднесувањето некакви молби или барања им се овозможени само на лицата кои имаат правосилна пресуда, но се бранеле од слобода, што овде не е случај. Тука пресудата му се врачува на осудениот и тој мора да оди на издржување и тоа е направено според закон. Тука не постои никаков упатен акт, (подвлеченото наше) туку само пресуда на апелација и наредба од судот, потпишана од судија за извршување санкции до МВР да го спроведе осуденикот. Ова е редовна постапка, исто како кога некој од редовен притвор се пренесува во затвор“, рече Панчевски.
Значи, претседателот Панчевски тврдеше дека „не постои никаков упатен акт“, иако Упатен акт за Кежаровски постои, а судијката Тагасовска сега вели дека „судијата веднаш пристапи кон изготвување на потребната документација за спровод на осуденото лице и изготвување на упатен акт (подвлеченото наше) со кој осудениот ќе биде спроведен за издржување на преостанатиот дел од казната затвор што вклучува наредба до ПС и Упатен акт, без кои судски списи затворот не смее да прими лице на издржување казна затвор.“
Со други зборови, или Панчевски не знаел дека има Упатен акт, или тој Упатен акт всушност и не е Упатен акт!? Но судијката Тагасовска сака да ни држи лекции по право, па на крајот од своето писание вели оти „…не може лаички јавно да се толкуваат законските одредби кои што се јасни и прецизни како што е постапено во конкретниот случај“.
А што смета таа за лаицизам? Па, тоа што ние не сме го читале законот за да знаеме оти одредбата во упатниот акт, според која „осуденото лице во рок од 3 три дена од приемот на упатниот акт може да поднесе до судијата за извршување санкции молба за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор“, всушност според Законот не важи за осуденици кои се во домашен притвор и треба да се спроведат на издржување казна затвор.
Е па, судијке Тагасовска, многу сте стручни, нема што. Се потпишувате на официјален документ од судот – Упатен акт, кој полицијата му го врачила на Кежаровски при неговото спроведување во затвор, во кој јасно ја пишува одредбата за рокот од три дена за молба за одлагање на почетокот на извршување на казната затвор, а велите дека таа одредба, според законот не важи за осуденици кои се во домашен притвор.
Значи, или имате проблеми со теркот на вашите официјални документи – Упатен акт, за кој велите дека е унифициран, што не е проблем на новинарите и на јавноста, а уште помалку на осудените лица или пак, треба врз секој упатен акт кој полицијата му го врачува на лице што е во домашен притвор тогаш кога го спроведува во затвор, да напишете, како бугарската полиција за време на комунизмот „тази дупка, не е дупка“, односно „тази Упатен акт, не е Упатен акт“.
Значи, ваша должност како судијка за извршување санкции, покрај тоа што „слепо“ го почитувате законот, е да им кажете на Вашите претпоставени, ако не ви е страв, разбира се, дека образецот на Упатниот акт не може да се користи кога се во прашање лица во домашен притвор кои се спроведуваат на одлежување затворска казна, туку за нив треба да биде изготвен нов образец – Упатен акт за осуденици кои се наоѓаат во домашен притвор, во кој нема да биде содржана одредбата за можноста за одлагање на казната.
Арно ама, тоа би било во некоја си правна држава – еве, не мора да одиме подалеку, да речеме во Бугарија, како членка на Европската унија, но сигурно не и во Македонија.
А зошто е тоа потребно, што мислите? Сакате да ви одговорам лаички, или стручно. Еве, лаички, зашто за стручноста сте задолжени вие. Па затоа што осуденото лице не мора да го знае законот и кога ќе ја прочита можноста за одлагање на извршувањето на казната затвор во рок од три дена во Упатниот акт што го прима, ќе се чувствува дека е онеправдано! Ама тоа вам или на вашите налогодавци, политички или судски сеедно, изгледа не им е важно. Што сте вие должни во некаков си Упатен акт, на осудено лице, демек криминалец, како што Апелација му пресудила, да водите грижа за неговата правда!? Гитла море во затвор!
Се правдате дека не сте ставиле ден, месец и година – датум за спроведување на Кежаровски во затвор зашто и тоа било вообичаено за осудени лица кои се наоѓаат во домашен притвор. Ваше било да доставите „наредба до ПС“ (ова е изгледа наредба до полициската станица) и таа да реши во рок од осум дена кога ќе го приведе Кежаровски и сето тоа било според законот. И сето тоа осуденото лице треба да го знае, нели, на памет!? Значи, зошто тоа не го пишува во Упатниот акт, судијке!? Ќе речете, па таков е образецот нели? Е па, не е. Зошто, на пример, во бланко образецот каде што стои денот, месецот и годината кога осуденото лице треба да почне да ја извршува казната, не сте напишале – во рок од осум дена – за да знае осуденото лице дека тоа е законскиот рок. Или што има вие да се грижите за осуденото лице и онака е криминалец, а криминалците во притвор си ги читаат законите и мора да ги знаат напамет.
Со тоа што не сте го напишале рокот за приведување – осум дена, и што велите дека тоа е вообичаена пракса, всушност вие откривате дека Македонија ти била ептен правна држава. Полицијата, демек решава, кога ќе го приведе осуденикот. А таа, кога сака се сонча, кога сака носи осудени лица во затвор! Во случајов, полицијата решила – веројатно по наредба на министерот на полицијата, зашто полицијата нема врска со судот, нели – веднаш да го приведе Кежаровски, а не, да речеме, вториот, третиот или осмиот ден од таа законска можност.
И сето тоа вам, како на правник интелектуалец, ви изгледа прилично правично, нели? Па Вие сте судијка, а не обична џандарка! Колку што имам искуство од ова турскиве серии, и тоа од времето на Републиката на Ататурк во илјада деветстотини седумдесеттите години, кога судијка ќе издаде наредба, полицијата се тресе, ееееј! Ама тоа сега не е така, ниту во Турција на Ердоган, ниту во Македонија, пастирска! Е па не е, со вакви судии што слепо слушаат. А замислете, да бевте како судијката Фериде од „Карадај“! Каде ќе ви беше крајот!
ИНТЕГРАЛНОТО СООПШТЕНИЕ НА ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ 1
По однос на написите на одредени медиуми и толкувања на законот, со цел да се прикаже дека судот не ја почитувал процедурата околу издавање на Упатниот акт кој му бил доставен на осудениот Томислав Кежаровски, судијата за извршување санкции, ја информира јавноста за следното:
Согласно член 85 од Законот за извршување санкции, судијата за извршување на санкции во случај кога некое лице се наоѓа во притвор е должен веднаш да ги преземе потребните дејствија заради извршување на казната затвор и тоа веднаш по приемот на извршната одлука, а најдоцна во рок од 8 дена по нејзиниот прием. Отткако конкретната одлука на Апелациониот суд Скопје беше доставена до Одделот за извршување на санкции, судијата веднаш пристапи кон изготвување на потребната документација за спровод на осуденото лице и изготвување на упатен акт со кој осудениот ќе биде спроведен за издржување на преостанатиот дел од казната затвор што вклучува наредба до ПС и Упатен акт, без кои судски списи затворот не смее да прими лице на издржување казна затвор.
Упатниот акт за осудениот Томислав Кежаровски е изготвен согласно член 86 од ЗИС каде се наведува дека повикувањето на извршување на казната затвор на осуденото лице се врши на начин што лично му се доставува упатен акт во кој е означен денот на кој треба да се јави во определена установа со напомена дека во конкретниот случај за осудениот е определена мерка куќен притвор па спроводот од куќен притвор на издржување казна затвор истовремено по наредба на судот го врши надлежното лице на МВР до КПУ затвор Скопје – Скопје, бидејки овие акти се доставуваат до МВР, а судијата нема сознание кога осудениот ќе биде спроведен на издржување на казната затвор и од тие причини во упатниот акт не е ставена дата и време при што сето ова треба да се спроведе во тие законски 8 дена.
Изготвениот упатен акт е согласно со член 86 од ЗИС кој се применува и во овој случај во одредбата од член 89 ст.1 од ЗИС децидно е наведено дека осуденото лице кое се наоѓа на слобода може по негова молба да му се одложи почетокот на издржувањето на казната затвор. Не случајно е наведено „на слобода“ бидејки за притворени лица ова не важи. Во конкретниот случај осуденото лице се наоѓа во куќен притвор, што значи дека молбата за одлагање на почетокот на извршување на казната затвор во рок од 3 дена како што стои во упатниот акт, е безпредметно.
Имено, овој дел секогаш стои во Упатниот акт, кој го доставува судијата за извршување на санкции до осудени кои се наоѓаат на слобода и до осудени кои се во притвор, што значи дека предметниот упатен акт ги содржи сите елементи предвидени во одредбата од член 86 од ЗИС.
Станува збор за унифициран терк на Упатен акт во прилог со наредба до МВР дека не важат одредбите за редовно постапување и молби за одлагање и без која документација не би можел затворот да го прими лицето во установата.
Што значи, во целост е постапено согласно законот бидејќи во пракса се појавуваат секакви ситуации, но секако и во конкретниот случај и во сите случаи по кои постапува судот за секое преземено дејствие има одлука на судија кој постапува по предметот.
Затоа, не може лаички јавно да се толкуваат законските одредби кои што се јасни и прецизни како што е постапено во конкретниот случај.
ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ 1 СКОПЈЕ
Одделение за извршување санкции, судија Весна Тагасовска