Обвинувам

by Фокус 10:02
10:02

Кога во јануари 1898 година во парискиот весник „Л’орор“ (L’Aurore) го објавил своето отворено писмо под наслов „Обвинувам“, Емил Зола веројатно не претпоставувал дека неговото “J’accuse” низ сите светски меридијани и на сите светски јазици ќе стане синоним за искажување отпор и гнасење од некои потези на власта. Големиот француски книжевник, реагирајќи по повод аферата „Драјфус“, ја обвинил Владата за антисемитизам и за манипулација со вистината поради пресудата против капетанот Алфред Драјфус, кој лажно бил обвинет за шпионажа.

Како учесник во протестите поради лажно обвинетиот и експресно осудениот новинар, Томислав Кежаровски, како дел од професорската фела која заедно со студентите стои на барикадите за одбрана на автономијата на универзитите и како секој нормален и свесен граѓанин кој се става во заштита на слободата, вистината и правдата, чувствувам искрена потреба да изразам гнев, отпор и згрозување од едно општествено зло – тоталитаризмот. Според „Википедија“, тоталитаризмот наречен и севласт, претставува политички систем во кој власта е под контрола на една партија која не ги препознава границите на своите овластувања. Поради тоа, настојува да ги контролира сите аспекти на општествениот и приватниот живот преку формулата со која државата (системот) се наметнува како супститут на општеството. Тоталитарните држави секогаш се организирани како диктатури. Тоталитарните системи секогаш претставуваат синоним за полициска држава. Во истата таа „Википедија“ наведено е следново: „Тоталитарната власт означува сузбивање и ограничување на слободата на говорот и слободата на печатот“.

- Advertising -

Таква е мојата Македонија денес. Земја на исплашени, притиснати, сиромашни и обесправени граѓани, земја во која копачите по контејнери се во правопопорционален пораст со возачите на бесни коли и сопствениците на луксузни вили, земја во која новинарите се затвораат, земја која е во заробеништво на една мала група политички олигарси и мешетари, кои ротираат во орбитата на еден човек – Никола Груевски.

И затоа, јас Гордана Попсимонова, граѓанин на Република Македонија, во името на мојата земја наследена од нашите претци и позајмена од нашите внуци, во името на мојата човечка одговорност пред моето семејство, роднини и пријатели, во името на својата професорска чест пред колегите наставници и студенти, те обвинувам тебе, Никола Груевски, поради неколку злодела.

Те обвинувам затоа што ни ја одземаш слободата. Затоа што наметнувајќи го принципот на партиска припадност, граѓаните ги претвораш во поданици, одземајќи им го правото на слободен избор. Вработувањата, именувањата, напредувањата во службата, па дури и добивањето соби во студентските домови се условени со партиска книшка. Медиумите се условени со поддршка на владината политика, со што се врши атак врз слободата на јавното информирање. Универзитетите се условени со владина контрола во обезбедувањето наставен кадар и владин интервенционизам во нивната структура, со што е загрозена слободата на научната мисла. Целата држава е условена со твојата „грижа“ за бракот, за семејството и за раѓање деца, во исто време додека младите не можат да си дозволат брак, додека семејствата се распаѓаат и младите масовно се евакуираат од Македонија.

Те обвинувам затоа што сееш поделба и раздор меѓу Македонците. Ги двоиш на „ваши“ и „нивни“, на „патриоти“ и „предавници“, на „соросоиди“, „комуњари“ и други пригодни измислици на твоите полит-комесари. Тоа што не им успеа на трите соседни држави по Балканските војни кога со попови, учители и насилство ги прекрстуваа и делеа Македонците, тоа што не им успеа на бугарските окупатори во Втората светска војна кога со контра-чети составени од одродени Македонци ги ловеа и ѕверски ги убиваа партизаните, сега го правиш ти со твоите контра-пленуми, контра-митинзи и контра-синдикати. Нема да ти успее ни тебе, Никола Груевски.

Те обвинувам затоа што ја резилиш мојата држава на меѓународен план и затоа што ја оддалечуваш од Европа. Затоа што нѐ правиш предмет на потсмев и жестоки критики од ЕУ, Советот на Европа, ОБСЕ, Репортери без граници итн. Стануваме парадигма за медиумски мрак, за непочитување на човековите права, за зависно судство во кое секој е виновен додека не се докаже (или ти не кажеш) дека е невин, тортура врз политичката опозиција, сведување на парламентот на играорно друштво во кое пратениците се корумпираат со потпишување меници…

Ова се тешки обвиненија, Никола Груевски. Оставам на сите што ќе го прочитаат ова отворено писмо да ги дополнуваат со други твои „заслуги“. Мислам дека до крајот на денот ќе се соберат доволно обвиненија за велепредавство на сопствената држава и народ.

Или како што рече пред владата новинарот Зоран Димитровски, цитирајќи ја Библијата – „онака како што судиш, така ќе ти биде судено“.

J’accuse!

Гордана Попсимонова, универзитетски професор

Поврзани новости